Македонија
Почнува примената на моделот на јавно-приватно партнерство во областа на хирургијата
Во согласност со одлуката објавена во „Службен весник“, а која неодамна ја донесе Владата, почнува процесот на склучување договор за јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции. Целта на овој модел на јавно-приватно партнерство е да се унапреди системот за стерилизација во областа на хирургијата, како и да се намали ризикот од постоперативни инфекции.
Во согласност со предложениот модел на јавно-приватно партнерство, опфатен е период од 15 оперативни години. Вредноста на инвестицијата е околу 16 милиони евра, а приватниот партнер ќе биде должен да ги вложи овие средства во период од 2 години, односно околу 35 отсто или 5,8 милиони евра во текот на првата година и преостанатите 65 отсто или 10,3 милиони евра во втората година од работењето.
Моделот на јавно-приватно партнерство предвидува избраниот приватен партнер да биде одговорен за финансирање на моделот во четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација на територијата на државата, финансирање изведба за реновирање/адаптирање на објектите во постојните центри за стерилизација (4 кои ќе бидат избрани како најсоодветни), понатаму целосно опремување на регионалните центри за интегриран менаџмент за стерилизација, обезбедување персонализирани комплети на стерилни хируршки инструменти, нивно редовно одржување и обновување во консултација со докторите хирурзи, обезбедување стерилизиран медицински материјал (облека и опрема), третман на медицинскиот и техничкиот отпад од хируршките сали, како и целосно менаџирање и управување со интегрираните услуги за стерилизација во согласност со прифатени стандарди и протоколи.
Од друга страна, јавниот партнер, односно државата како дел од јавно-приватното партнерство, ќе има обврска да обезбеди локации со објекти за четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација, да ја врши контролата врз обврските преземени од страна на приватниот партнер, како и контролата и мониторингот над извршувањето на работите и да го изврши плаќањето за извршената јавна услуга.
По истекот на предвидените 15 години, според моделот, приватниот партнер во целост на јавниот партнер ќе ја предаде развиената инфраструктура, вклучително и целосно опремените четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација, обновени хируршки сали, нови хируршки инструменти, санитетски возила и софтверскиот ИТ-систем.
Ваквата одлука на Министерството за здравство и Владата на Република Македонија е резултат на физибилити-студија, која беше изработена во декември минатата година.
Процесот на избор на јавен приватен партнер ќе се одвива транспарентно и во согласност со Законот за јавните набавки. Како прв чекор Министерството за здравство ќе организира стручна дебата за докторите хирурзи, како и со целокупниот медицински персонал што ги извршува хируршките интервенции.
Моделот на јавно-приватно партнерство ќе овозможи долгорочно унапредување на реализацијата на хируршките интервенции. Дополнително, ќе придонесе за поголем развој на здравствениот систем во целина, нови вработувања и редовни обуки и доквалификации за медицинскиот кадар, соопшти Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Постојниот простор на СВР Охрид ќе се стави во функција на градот, надземно ќе биде убав парк, а подземно катна гаража
„Денеска на покана на министерот и градоначалникот сум во Охрид, да дадам и јас лично поддршка на проектот кој тие двајца го најавија дека тоа ќе биде еден од приоритетите на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Станува збор за простор на СВР Охрид кој ќе се стави во функција на општина Охрид или ќе биде надземно убав парк, а подземно катна гаража“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ценам дека треба да се слушаат потребите на граѓаните, треба да се слушаат потребите на тие кои се избрани од граѓаните.
Ценам дека на овој начин ќе се овозможи еден поголем комфор во рамките на градското централно подрачје во Охрид во оној дел каде што е туристичка зона и ценам дека како држава треба да поддржуваме проекти кои ќе значат додадена вредност за средините во кои се прават. Еден од тие проекти е овој овдека.
Така што уште еднаш од мене голема благодарност и до министерот и до градоначалникот на поканата. Очекувам вакви и слични проекти и во иднина во други области во Македонија“, изјави Мицкоски.
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Прилеп-Македонски Брод, се одвива наизменично по една коловозна лента
Во 14:58 часот сообраќајот на регионалниот пат Прилеп-Мак.Брод, сообраќајот се одвива наименично по една коловозна лента.
АМСМ информира дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Апел за помош за малиот Војдан
„Почитувани, ви се обраќам како очајна мајка на Војдан, кој е дете со церебрална парализа. Војдан е предвремено родено дете, кој е борец уште од првата секунда од неговиот живот. 71 ден ги помина во инкубатор, на респиратор, со мал милион дијагнози и прогнози, но тој се избори и си дојде дома.
Кога мислевме дека нема крај на нашата среќа. Господ повторно ни го зададе најголемиот удар, на Војдан му дијагностицираа Церебрална парализа. 8 месеци ги поминавме по болничките лавиринти во нашата држава, со што немаше значителен напредок. Од негови 11 месеци, одиме на рехабилитација во Загреб. Одиме секој месец и остануваме таму по една недела. Војдан има сериозен напредок во неговата битка, која продолжува и од кога ќе се вратиме дома. Секојдневно има физикална терапија, со што јас како родител сум обучена да работам со него, дефектолошки и логопетски третман одиме на приватно. Фондот за здравство не ни го признава лекувањето на Војдан, па цели овие години одиме со помош на нашиот хуман народ. Како мајка на која единствена желба и е здравјето на нејзиното дете, уште еднаш и до бескрај ги молам сите хумани граѓани кој се во можност да ни помогнат за Војдан да излезе како победник во битката“.
Информации околу кампањата за собирање на донации имате тука