Македонија
Стоилковски: Семејството на Филипче има заеднички имот и инвестиции со добитникот на тендери од 7 милиони евра
Скандалот „Шпанско село 2“, во режија на министерот Венко Филипче, сè уште останува без одговори, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече партискиот портпарол Наум Стоилковски, иако Министерството за здравство, наместо министерот, тврдело дека се работи за лага, сега ниту Министерството ниту, пак, министерот нема одговор како семејството на министерот Филипче, односно најблиското семејство на неговата сопруга, има заеднички имот и инвестиции со човек чија фирма од Министерството за здравство и сите институции под ова Министерство има добиено тендери вредни над седум милиони евра.
„Филипче не одговара зошто неговото Министерство лажно тврди дека имотот во сосопствеништво и во партнерски однос меѓу семејството на сопругата и добитникот на тендерите од здравството е земјоделско, а не градежно земјиште. Уште повеќе што тврди дека се гради, значи е градежно земјиште. Згора на сè, семејството и добитникот на тендерите заедно финансирале во изработката на урбанистички план за објекти за привремено сместување. Значи, познатата ‘касарна’ на Филипче не е семејна куќа, туку според планот за градба е само еден од петте објекти за привремено сместување во согласност со урбанистичкиот план со ознака А4“, рече Стоилковски.
Тој нагласи дека откако Венко Филипче е министер за здравство, компанијата на сосопственикот на плацовите од „Шпанско село 2“ со поширокото семејство на Филипче, како и негов соработник, има добиено тендери тешки 426.388.279 денари или 6.933.143 евра. Од нив лично Филипче има потпишано тендер во износ од 34.229.676 денари или 556.580 евра.
„Директорот на Трауматологија, Ортопедија, Анестезија, Реанимација, Интензивно лекување и Ургентен центар, скратено ТОАРИЛУЦ, Илир Хасани, близок соработник на Венко Филипче, сосопственик на плацови со семејството на Филипче, и со добитникот на тендерите, само тој има потпишано 230.848.442 денари, односно 3,753.633 евра.
Вкупно, со министерувањето на Филипче и директорувањето на Хасани партнерите на Горан Филипов во инвестициите во „Шпанско село 2“ одлеале 479.776.616 денари или 7.801.246 евра преку тендери!
Ова е последниот тендер доделен од Илир Хасани, тежок над 1.700.000 евра. Ова е договорот со потпис на Венко Филипче за над половина милион евра, наменет за истиот, сосопстеник на плацовите во „Шпанско село“, договор од 8 март минатата година.
Внимавајте, „Шпанско село 2“ е проект на семејството на сопругата на Венко Филипче, кој се реализира за време на неговото министерување. На падините на Водно се градат објекти за привремено домување, кои се маскирани, за сега неуспешно во градба наводно на семејна куќа. Партнерот, соинвеститорот, сосопственикот на плацовите во „Шпанско село 2“ е добитник на речиси 8 милиони евра од тендери во здравството“, рече Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.