Македонија
Стоилковски: Битолски „Стентон” и тетовски изведувач со единствена понуда на тендер на Бочварски и Рустеми
Во Македонија нема заинтересирани градежни компании за расчистување на одронот на автопатот Миладиновци – Штип, па работата ја добива единствениот понудувач за неверојатни 767 илјади евра, нормално, компанија блиска до СДСМ, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Очигледно, единствен критериум за избор на тендер на општини, ЈП и компании предводени од СДСМ/ДУИ е единствен понудувач. Единствениот понудувач, веројатно, бил критериумот за Благој Бочварски од СДСМ и директорот на ‘Државни патишта’, Ејуп Рустеми, од ДУИ да ја изберат фирмата блиска на кандидатот на СДСМ за градоначалник за Битола, ‘Стентон градба’, за расчистување на одронот што повеќе од половина година стои на автопатот Миладовци – Штип и зафаќа две од трите коловозни ленти. Притоа понудата на ‘Стентон’, односно сега договорот е групна, а како изведувач е наведена компанија за градежништво, транспорт, угостителство и услуги ‘Урбан план констракшн’ од Тетово.
Повторувам, единствен понудувач на тендер, јавен повик за градежни компании, за расчистување на одроните што повеќе од половина година стојат на автопат и се вози по само една коловозна лента.
Според документите, на огласот распишан од ‘Државни патишта’, водена од Ејуп Рустеми од ДУИ, во соработка со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на 10 мај годинава потпишале договор со единствениот понудувач ‘Стентон градба’ од Битола за расчистување одрони и олеснување косини за речиси 40 милиони денари, сума што со ДДВ изнесува над 767 илјади евра. Како изведувач е наведена компанијата за градежништво, транспорт, угостителство и услуги ‘Урбан план констракшн’ од Тетово. Како е возможно на толкав тендер да биде пријавен само еден понудувач?Како е возможно на тендери за патишта, за градба, за набавки, за санирање, тендери распишани од СДСМ/ДУИ, за работа да биде заинтересирана само една фирма, честопати поврзана со партијата на власт? Така е и во случајот кога СДСМ во Битола на локалните избори излезе со кандидат во тесна врска токму со фирмата што сега е единствен понудувач за расчистување на одроните на автопатот Миладиновци – Штип по дури 7 месеци.
Невозможно е во Македонија да нема градежна компанија што би била заинтересирана да се натпреварува да земе работа, која според Бочварски, беше проценета над 750.000 евра.
Почитувани, во Македонија ништо не е изградено, ниту е санирано, нема нови патишта, ама затоа има нови патарини и нови тендери со само еден понудувач“, рече Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.