Македонија
Студентите на Филмската академија во Охрид реагираат: Нè оставија на цедило без дипломи, ова е неправда
„Ние сме свесни дека проблемот на 6 студенти нема многу да ја заинтересира јавноста, но поради неможноста поинаку да допреме до институциите и одговорните за нашиот проблем, решивме уште еднаш да ги известиме медиумите. Институтот за филм – филмска академија Охрид или ИФФА Охрид е државна образовна институција, која (беше)е плод на меморандуми за соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и FAMU, реномираната прашка филмска академија. Ние, студентите од првата генерација 2015/2016, стипендирани од Министерството за образование и наука, една и пол година по завршувањето на нашите тригодишни мастер-студии, откако целосно ја исполнивме студиската програма и ги одбранивме магистерските тези, не можеме да добиеме диплома, ниту некакво уверение за положени испити. Наидуваме на целосен молк од страна на надлежното Министерство, а самата Академија повеќе не функционира, па веќе губиме надеж дека некогаш ќе добиеме признание за вложениот труд и стекнатото знаење“, се вели во реакцијата до јавноста на првата генерација студенти на ИФФА Охрид.
„Нема да навлегуваме во детали бидејќи надлежните институции за решавање на овој банален проблем многупати се запознаени и информирани. Сметаме дека односот и незаинтересираноста од страна на МОН кон студентите запишани на оваа државна образовна институција се срамни. Сепак, кога ние се запишувавме на овој, инаку прекрасен образовен проект со исклучително лошо менаџирање, сметавме дека проектот е сериозен, а гарант на тоа гледавме во договорите што ги склучивме како стипендисти на Владата и МОН. Пред една година успеавме да го ставиме нашиот проблем на дневен ред на седница на Владата. Министерството за образование и наука во своите рамки формира комисија, која требаше да изготви извештај со предлог-решение. Но, по испраќањето на извештајот до кабинетот на министерот за образование и наука, застанува и целиот процес. Повторно се пробиваат рокови за магистрандите, кои една и пол година не може да добијат потврда за завршените магистерски студии. Студентите изгубија уште една академска година за надградување на своето образование и многу можности за работа затоа што немаат никаков доказ. Би сакале да знаеме зошто Министерството за образование и наука не си ја заврши својата обврска и зошто повторно молчи и ги остави студентите на цедило? Зошто министерот за образование и наука не ги спроведе што побргу препораките од комисијата формирана токму од Министерството со кое тој раководи? Ако проблемот не е кај министерот за образование, тогаш каде е закочена целата процедура?“, се додава во реакцијата.
Според студентите, иронијата да биде поголема, ИФФА Охрид има предвиден и одобрен буџет за работа. „Исто така, знаеме дека се исплатени сите хонорари за професорите и асистентите на ИФФА Охрид. Па, оттука прашуваме, како е можно сите вклучени во образовниот процес, и тоа администрацијата, наставниот и помошниот кадар, да бидат исплатени за својот труд, а студентите, кои всушност се предмет од интерес на целиот вложен труд на професорите, да не може да си ги остварат своите права и да добијат соодветна диплома за завршените студии?
Се надеваме дека оваа објава ќе ги натера министерот за образование и наука, заменик-министерката за образование и наука, како и надлежните сектори во рамките на МОН да посветат малку од своето драгоцено време на нашата неправда. Убаво е да го дочекаме крајот на овој филм“, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лукаревска: Од целосно заборавени, домашните претпријатија ги поддржавме со 100 милиони евра, ќе ја дуплираме поддршката
Се радувам што граѓаните и луѓето од бизнис заедницата се искрени и отворени. Разговараме без задршка, без страв, тоа е придобивка од слободата. Сакаме да создаваме партнерства во градењето на европската иднина. Ќе останеме заедно и заедно ќе ги решаваме предизвиците кои што нема да бидат ниту малку ниту лесни. Европската агенда е напорна, бара вклученост на сите, но тоа е најдобриот и најефикасниот начин секој ден работите да ги подобруваме, за да ги достигнеме европските стандарди, рече Лукаревска, носителката во ИЕ3 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија пред новинарите во Кочани.
-И до сега многу работевме за да бидеме конкурентни. Многу вложивме во зајакнувањето на домашните компании. Од целосно заборавени, без никаква финансиска поддршка, ние ги поддржавме со 100 милиони евра. Ќе продолжиме и во следните четири години, зашто тоа е важно и за компаниите и за сигурноста на вработените. Во наредниот мандат домашните компании ќе ги подржиме со 180 милиони евра. Поддршката ќе биде дуплирана. Заедно, партнерски со нив, ќе продолжиме да ја јакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра.
Лукаревска истакна дека дел од овие средства ќе бидат вложени и во праведна енергетска транзиција и енергетска независност.
-Домашното производство на електрична енергија ќе го зголемиме за 70%. Со тоа државата ќе постигне енергетска независност, и самостојно ќе задоволува 100% од сопствените потреби за струја. И тоа главно од гас и од чисти и обновливи извори. Рековме НЕ за малите хидроцентрали и за сите фосилни технологии кои ни ги загадуваат воздухот и почвата.
Сето ова е продолжување на нашата досегашна работа, зашто тоа е важно за стабилноста и за нашата европска иднина.
Не се откажуваме, ќе го задржиме континуитетот, зашто немаме време за губење. Важни се овие избори за да ја славиме победата за европска Македонија, рече Лукаревска во Кочани
Македонија
Митрески: Ги зголемуваме субвенциите за енергија на 120 илјади денари за домаќинства, ранливите потрошувачи ќе добијат поголема поддршка
„Енергетската независност на Македонија е значаен приоритет за СДСМ и за Коалицијата за европска Макединија. И во време на најголемата енергетска криза, граѓаните не го почуствуваа недостатокот на светскиот пазар, затоа што водевме мудри политики и обезбедивме енергија за целата држава. Во наредниот мандат гарантираме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 проценти во однос на 2019 година, со што ќе бидеме енергетски независни“, изјави Јован Митрески, носител на ИЕ 5 за СДСМ и Коалицијата за европска Македонија.
Тој најави дека во наредниот мандат ќе биде зголемен капацитетот на обновливи извори на енергија за најмалку 100 проценти, а еден милион граѓани ќе добиваат енергија од обновливи извори.
„Ги зголемуваме субвенциите од 80 илјади на 120 илјади денари за домаќинства, ги зголемуваме мерките за заштита на правата на ранливите потрошувачи на енергија. Воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроцентрали“, додаде тој.
Митрески најави и дека ќе продолжи поддршката на бизнисите, преку 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производството и 3,5 милијарди капитални инвестиции и гарантираме стабилна даночна политика.
„Воведуваме 0 проценти данок на личен доход за минимална плата, како и по 200 евра за во првите 12 месеци за секое прво вработувањ на лица до 26 години. Планираме инвестиции од над 2,7 милијарди евра, за модернизација на инфраструктурата во сите општини, квалитетна инфраструктура е предуслов за растечка економија и повисок животен стандард“, додаде Митрески.
Македонија
Сајкоски: Во програмата „Платформа 1198“ за Битола предвидено е изградба на обиколница што ќе ја поврзува со Грција
Битола и битолчани ќе бидат во фокусот на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За Битола се предвидени многу инфраструктурни проекти. Во новата програма „Платформа 1198“ за Битола е предвидено да се изгради обиколница што ќе ја поврзува со Грција. Предвидено е да се изгради автопат кој што ќе поврзува Битола со Прилеп, а исто така предвидено е да се изгради патот Градско-Прилеп, со тоа што Битола ќе биде поврзана инфраструктурно и ќе има добра можност за економски развој, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.
Исто така, додаде Сајкоски, предвидено е реконструкција и рехабилитација на патот Кичево-Охрид, подобрување на патната инфраструктура кон Ресен, а во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ предвидено е подобрување на железничката инфраструктура.
Како што рече Сајкоски, со ова, Битола ќе добие можност за економски раст и развој, можност за подобра иднина на сите, и за младите и за возрасните.
– Битола ќе го добие процутот онаков каков што треба да го има низ годините. Битола ќе биде економски центар во регионот, рече Сајкоски.