Македонија
Студенти креираа нов финансиски инструмент за ФИТР
Предлог проектите на два тима од трета година на Економскиoт факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, беа избрани како најдобри од деветте групи кои денеска во Фонд за иновации и технолошки развој ги презентираа своите решенија за нов финансиски инструмент за ФИТР.
Одлуката ја донесе петчлената комисија во чиј состав беа претставници од Економскиот факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Светска банка, Министерство за финансии, Универзитет Американ колеџ и Фонд за иновации и технолошки развој.
„Ова е одлична можност истовремено да научите како да пишувате предлог проекти, но и како да ги презентирате пред идните инвеститори. Целта на оваа задача беше да ве поттикнеме да учествувате во креирање на нови механизми за ко-финансирање на компании, а од ова што го видовме денес комисијата навистина имаше тешка задача да ги одбере најдобрите“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.
Петте наградени студенти ќе добијат неколкумесечна пракса во ФИТР каде со поддршка на експертите од Фондот ќе работат на развивање на предложеното решение во конкретен инструмент.
Овие проекти беа изработени како стручен труд во рамките на предметот „Управување со производ“ под менторство на професор Д-р Ежени Бржевска. Студентите имаа задача да осмислат нов начин на кофинансирање на мали и средни претрпријатија и да подготват презентација за нивниот предлог проект за проектната задача која кон крајот на октомври им беше зададена од Фондот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.