Македонија
Субвенциите во авиосообраќајот, извештаите на МРТ и ТИРЗ денеска на владина седница
Владата денеска ќе ја одржи својата 69. редовна седница на која на дневен ред, меѓу другото, на предлог на Министерството за економија ќе биде разгледaна информацијата во врска со статусот на реализација на Договорите за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи склучени со Министерството.
На денешната седница на Владата ќе биде разгледана и информацијата од потребата за спроведување повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 – делница Куманово – Бељаковце“, како и за јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот „Подобрување на железничка пруга Коридор 10″, финансирани по пат на заем од Европската банка за обнова и развој.
На предлог на Министерство за транспорт и врски, денеска на дневниот ред на владината седница ќе се најде и информацијата во врска со потребата за донесување програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници за периодот од 2018-2021 година и уредба за начинот, поблиските критериуми за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка.
На оваа седница на разгледување пред министрите ќе се најде и Годишниот извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош, како и информацијата за спогодбата помеѓу Министерството за образование и вработување на Република Малта и Министерството за образование и наука на Република Македонија за заемно признавање на високообразовните степени, дипломи и сертификати.
Министерството за здравство на денешната седница ја приложува на усвојување предлог-програмата за изменување на програмата за превенција на кардиоваскуларни болести (КВБ) во Република Македонија за 2018 година.
На 69-тата седница на Владата на РМ ќе биде разгледан и посебниот извештај на Државната комисија за спречување корупција за можните злоупотреби на буџетските средства, јавните фондови и средствата на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал за изборен период – предвремени парламентарни избори 2016 година, кој доаѓа како предлог на Собранието на Република Македонија.
Собранието на Република Македонија на увид на министрите во Владата ги достави и годишните извештаи за работата на Македонската радио-телевизија за 2017 година, и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2017 година.
На седницата на Владата денеска ќе биде разгледана и информацијата за реализација на кредитите и проектите од ЕБРД со гантограм и динамика на реализација, и за техничките и финансиските аспекти на имплементација на проектите на АД МЕПСО.
На денешната седница Владата ќе го разгледа и извештајот за работата на Дирекцијата за ТИРЗ за периодот од 1.07.2017 до 31.12.2017 година.
Владата на Република Македонија својата редовна 69. седница е предвидено да ја започне во 12:00 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Скопје
Осум скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија АД, Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, информира дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат неколку скопски општини.
· Во периодот од 08:30 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Максим Горки, реон Дом на градежници (општина Центар).
· Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, поголемиот дел од потрошувачите на ул.Ринхини.(општина Ѓорче Петров)
· Во периодот од 09:00 до 10:30 часот, корисниците од с.Визбегово, дел од с.Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.(општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево)
· Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Кавалска.(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на пат за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од Св.Петар и Павле по патот кон Долно Лисиче.(Аеродром)
· Во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. 4031, село Марино.(општина Илинден)
· Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од бул.Борис Трајковски (од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево).(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците од с.Сандево, Бањане, Горњане, Дел од с.Мирковци.(општина Чучер Сандево)
· Во периодот од 13:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Исаија Мажовски и Воин Драшкоци.(општина Ѓорче Петров)
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.