Македонија
Судиите во иднина сами ќе се оценуваат меѓусебно
Имплементацијата на Методологијата за квалитативно оценување на судиите и на претседателите на судовите продолжи со обука на судии кои се членови на комисиите формирани од Судскиот совет. Во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи денеска во Скопје се обучуваат судии од Врховниот суд, судии од апелационите судови, како и судии од Вишиот управен суд. Овие судии ќе ги оценуваат судиите од апелациите, основните судови и Управниот суд за да се изврши селекција и бодување на кандидатите кои се пријавени на огласите на Судскиот совет.
Методологијата за квалитативно оценување претставува нов модел на евалуација на трудот на судиите, односно оценувањето нема да го прави Судскиот совет како до сега, туку самите судии ќе ги вршат проверките на перформансите за квалитет на секој судија. Методологијата е вградена во АКМИС системот и со нејзината дигитална примена ќе се изберат пет предмети по случаен избор кои ќе бидат оценувани од комисиите, но судијата ќе има право да предложи и други пет предмети по негов избор.
Преку оценување на десетте предмети на судијата практично ќе се дефинира неговата вкупна оценка. За прв пат при оценувањето ќе се земат предвид сите елементи поврзани со судиската работа и евалуацијата ќе се врши врз основа на објективни, а не на субјективни критериуми. Едноставно, со внесување на податоците за конкретен предмет, самиот систем ќе ја одреди оценката за судијата, а не тоа да го прави човечки фактор.
Со ваквиот начин на оценување во иднина ќе напредуваат само оние судии кои реално заслужуваат, а така ќе се гради независноста, објективноста и одговорноста на судството. Преку воспоставување на овие принципи ќе се врати и довербата на граѓаните во судството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.