Македонија
Судијката го опомена Мијалков да не се губи во подробности во прашувањето
Ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков на судењето за масовното прислушување „Таргет – Тврдина” го праша сведокот Звонко Костовски дали е точно дека само за него важи аболицијата на претседателот Ѓорѓе Иванов.
„Точно ли е дека само за вас важи аболицијата”, праша Мијалков.
Поранешниот прв човек на УБК го праша сведокот Звонко Костовски и кога престанал да ја издржува казната за случајот „Пуч”.
„Дали поради аболицијата го одработувате она што го одработувате?” праша Мијалков.
Судот не ги дозволи прашањата со образложение дека сведокот не е обвинет, а Костовски дофрли дека аболицијата била укината. Претходно судијката Џенета Бегтовиќ го опомена Мијалков да не се губи во подробности и да не го прашува сведокот надвор од она што е во обвинението.
Во предметот „Таргет – Тврдина“, покрај ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, обвинети се избеганиот поранешен началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК Никола Бошкоски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, и 6 службеници.
Првото рочиште се одржа на 17 јануари 2018 година, а постапката е закочена неколку месеци на сослушување на вториот сведок на СЈО. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А. И. (48) затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите, извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец’, со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите наводно го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело, и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите што гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информира претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголем е одѕивот во Новаци – 42,87, а најмал во Врапчиште – 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Другите се во обработка.