Македонија
Судијката Калковска одново ќе му ја мери душевната болка на Груевски oд клеветата на Заев
На 22 јануари 2019 година во судницата број 19 во граѓанскиот суд во Скопје судијката Весна Калковска повторно треба да одлучува за тужбата за клевета и навреда на бегалецот Никола Груевски за изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од 2014 година, потврдија од скопска двојка за „Макфакс“.
Ова следува откако во септември лани пет врховни судии oдлучиле позитивно за барањето за ревизија кое го поднесоа адвокатите на Заев. Со правосилна пресуда Заев беше осуден дека јавно го наклеветил експремиерот Никола Груевски за продажбата на „Македонска банка“.
„Ревизијата е уважена. Одлуките се укинати и вратени на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување“, потврдија од Врховниот суд за „Макфакс“. Неизвесно е сепак дали ќе се одржи рочиштето на 22 јануари, затоа што Груевски избега од државата, а неговиот тогашен адвокат, Никола Додевски одамна не го застапува.
Станува збор за 2 пресуди со кои судовите потврдија дека Зоран Заев го наклеветил Никола Груевски. Со пресудата на Основниот суд Скопје 2, Заев беше требаше да му плати 50 илјади евра за клевета и навреда на Никола Груевски. Апелационите судии Лидија Димчевска, Радица Василевска и Енвер Беџети, во правосилната пресуда потврдија дека Груевски е наклеветен, но во решението побараа да се повтори постапката само за висината на изречената казна и повторно да се преиспита колку тежи душевната болка на поранешниот премиер.
Никола Додевски, тогашниот адвокат на премиерот Груевски, го намали побарувањето од Зоран Заев од првично побараните половина милион евра на 50.000 евра, со објаснување дека парите не се мотив за поднесување на тужбата, туку да се докаже чесноста на премиерот. Потоа Груевски преку Додевски се откажа и од таа сума.
Заев во изјавата пред јавноста тогаш рече дека таткото на криминалот во Македонија не е никој друг, туку Никола Груевски и дека примил пари во кеш во износ од 1,5 милиони евра од странски бизнисмен и дека ја оштетил државата за 225 илјади евра за неплатен данок, како и дека лично ја продал „Македонска банка АД“ од Скопје на контраверзниот српски бизнисмен Јофица Стефановиќ познат како газда Нини преку четири оф-шор и две домашни компании кои што официјално поседувале 51% од акциите на банката, а биле под контрола на Никола Груевски.
Надвор од официјалната сума за продажбата, во пресудата пишува дека Заев изјавил оти Груевски договорил дополнителна сума од 1,5 милиони евра за продажбата на банката и дека таа сума му била исплатена на црно во кеш, дека се стекнал во вкупен кеш од 2,4 милиони евра од продажбата на 51% од акциите на „Македонска банка“.
За овој предмет, додека јавен обвинител беше Марко Зврлевски, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ја отфрли кривичната пријава на СДСМ против Никола Груевски за примање поткуп и даночно затајување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема да има работни саботи за учениците, МОН донесе нова одлука
Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.
Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, велат од МОН.
Од Министерството потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
„Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, додаваат од МОН.
Македонија
Со супервештачење ќе се бара вина кај лекарите за родилката од Дебар, која, по породувањето, се врати дома без јајчник, матка и бубрег
Судот нареди да се направи супервештачење за родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, на која по породување во струшката болница ѝ беа извадени јајчник, бубрег и матка. Наредбата за супервештачење доаѓа откога судот доби целосно спротивни вештачења од Обвинителството и од одбраната. Вештачењето од Институтот за судска медицина, приложено од Обвинителството, посочи одговорност кај лекарите од струшката болница, а вештачењето нарачано од одбраната, кое го направи вештакот Драге Дабески, заклучи дека лекарите ѝ го спасиле животот на родилката.
„Со супервештачењето верувам дека, конечно,. вистината ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена. Вештакот на одбраната не најде лекарска грешка, ме убедува дека со вадење три органи по породувањето со царски рез, ми го спасиле животот иако вештачењето од Судска медицина покажа дека лекарите имаат вина. Јас здравјето не можам да си го вратам, органите ми се извадени и функционирам како половина човек, но очекувам супервештачењето на лекарите да им покаже дека има лекарска грешка и на пациентите да им порачам дека не треба да молчат, треба да се охрабрат и да се борат за вистината“, вели Вепоска за „Макфакс“.
Се пожали дека секое судење дополнително ја исцрпува, а извадените органи ја ограничуваат во мајчинството, во работата и во секојдневниот живот.
„Здравјето целосно ми е нарушено. Освен физички, имам и психички проблеми, се лекувам и од тоа. Особено тешко ги поднесувам судењата, ми треба време да закрепнам од нив. Работам со скратено работно време оти немам сила за осумчасовна работа. Како мајка не можам да им се посветам на децата онака како што треба оти постојано имам здравствени проблеми, еве сега тукушто ја испив терапијата“, рече Веапоска по денешното судење.
Судијата Јодран Јованов, кој го побара супервештачењето, е трет судија што го добива нејзиниот случај откога претхдните двајца се пензионираа. Следното рочиште е закажано за 3 јуни кога Вепоска очекува да биде готово и супервештачењето.
За извадените органи по породувањето со царски рез на Веапоска, обвинети за несовесно лекување се гинекологот Мухамед Асани, кој во 2020, кога беше направено породувањето, беше директор на болницата, син му Блертон Асани и докторката Лилјана Јовановска.
Македонија
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
Во врска со претстојните избори, денеска, во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок, на кој присуствуваа дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами.
На состанокот министерот Тошковски најпрвин се заблагодари за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите фактори одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцира дека досега не се констатирани посериозни активности, кои се насочени кон нарушување. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации што се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев, беше потенцирана тенденцијата од година на година да имаме сè помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со оперативната акција претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител, претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење вентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на Обвинителството, каде што определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности што се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.