Македонија
(Видео) Судот го ослободи Латас
Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан Павловиќ кои беа обвинети за бесправно градење викендички во Зелениково во предметот „Тревник“ на СЈО.
Судијката Марија Клетничка Марковска рече дека делото за кое тројцата се обвинети не е кривично дело според законот. Градежните инспектори по службена должност можеле да ја спречат изградбата, а ако проценат дека не е испочитуван Законот за градење можеле да изречат прекршочни глоби или да поднесат кривична пријава за бесправно градење.
Кај Латас таква процедура немало, а обвинетите ја легализирале дивоградбата, ги добиле потребните документи, како и одобрението за градење кое не било оспорено.
Судот, исто така, им ги врати пасошите на Латас и на неговите браќа и ги укина мерките да се пријавуваат еднаш неделно во судот.
Трошоците за судската постапка ќе ги плати државата.
Првото рочиште за „Тревник“, се одржа на 14 март 2018 година. Специјалното јавно обвинителство ги обвини браќата Павловиќ за бесправна градба на три викендички во Зелениково.
Според обвинението, во временскиот период од јули 2011 година до јануари 2013 година во општина Зелениково, спротивно на Законот за градење, обвинетите граделе без одобрение од надлежен орган, на земјиште кое е во нивна сопственост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.