Македонија
Судскиот совет планира да го одложи изборот на претседател на Основниот суд Скопје 1-Скопје
Судскиот совет на Република Македонија за среда ја закажа својата 243. седница на која помеѓу останатото ќе се разгледуваат кандидатурите на судиите кои конкурираа за местата претседател на Врховниот суд и на Основниот суд Скопје 1-Скопје.
На седницата чиј што почеток е закажан за 11 часот, зад затворени врати ќе се расправа за изборот на претседател на Врховниот суд, каде во моментов оваа функција ја извршува вршителката на должност, Снежана Бајлозова, но на која функција претендираат и екс-претседателите Лидија Неделкова и Јово Вангеловски и судијката Беса Адеми.
Малку е веројатно дека Судскиот совет на утрешната седница ќе избере нов претседател на скопскиот кривичен суд меѓу еден од двајцата кандидати: судиите Иван Џолев и Владимир Панчевски, бидејќи во изминативе неколку месеци тие меѓусебно се обвинуваа за злоупотреби во работењето и си поднесуваа кривични пријави.
Според истите сознанија Судскиот совет најверојатно ќе го поништи конкурсот за избор на претседател на Основниот суд Скопје 1-Скопје и изборот ќе го одложи за неколку месеци.
Инаку, Владимир Панчевски, кој до четврти минатиот месец ја извршуваше функцијата претседател, беше обвинуван од судиите и од стручните соработници дека ги нарушил меѓучовечките односи како никој пред него, а за него беа поведени и повеќе кривични постапки. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт
Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува за правецот во кој треба да се развива нашата татковина, онаква каква што сакаме да ја видиме напредна земја со европски стандарди во правото, здравството, образованието, земјоделието и сите други области значајни за граѓаните, кажа Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од аспект на изборниот процес, според него, тој поминал како што рече, генерално во фер и демократска атмосфета, со низа помали прекршувања, пред се предизвикани од партиите на власт и нивните активисти.
„Имено од досегашните податоци за нерегуларности кои ги имаме добиено од набљудувачите, забележано е вршење на притисок врз гласачи во општина Сарај, но и импровизиран штаб во непосредна близина на гласачко место во училиштето Гоце Делчев во Гостивар. Исто така забележани се случаи на семејно и колективно гласање, за кое истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи.
На неколку избирачки места во втората изборна единица, поточно во Куманово, нотирани се нерегуларности од типот на нефункционалност на убиг апаратите или немање на печат. Во едно избирачко место бидејќи немале печат избирачкиот одбор добил насоки од ОИК гласањето да продолжи, па после гласањето да се стави печат. При примопредавањето на изборниот материјал не биле потпишани сите субјекти“, информира Муцунски.
За сите забелешки, како што рече како партија ќе постапат пред надлежните институции.
„Затоа што во наш, но и во интерес на Македонија е да имаме кристално чист изборен процес, процес кој според нас треба да заврши со победа на Македонија и визијата за реформи, правда.
Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и враќањето на Македонија повторно на народот, процес кој повторно Македонија ќе ја направи горда“, истакна Муцунски.
Македонија
Европскиот фронт: Очекуваме голема, историска победа, тоа го потврдуваат информациите од терен
„Народот го кажа своето, имавме мирен изборен ден и слободни избори“, изјавија веднаш по изборниот молк од Европскиот фронт.
„Покажавме демократска зрелост како што и доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со ЕУ. Денес граѓаните го кажаа својот збор а на нас е да ја преточиме таа волја во акција. Имавме исклучителна кампања, напорна и вредна, беше европска на која треба сите да се гордееме“, посочија од Европскиот фронт.
На прашањето колку се задоволни од одзивот на гласачите и за првичните партиски пресметки Арбер Адеми од ДУИ истакна дека очекуваат голема победа за нивниот кандидат Бујар Османи.
„Сите информации од терен тоа го потврдуваат. Очекуваме победата да биде голема, историска“, рече Адеми.
Македонија
ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.