Македонија
(Видео) Тензии на протестот за „Монструм“: Полициски кордон го спречи движењето на демонстрантите
Семејствата на осудените за „Монструм“ нема да можат да го поминат полицискиот кордон на крстосницата после Бит-пазар.
Силно полициско обезбедување, оклопни возила, специјалци го обезбедуваат протестот кој беше најавен со рута од Чаир до кривичниот суд, па до Владата. Демонстрантите кај Бит-пазар беа пречекани од кордони од стотици полицајци.
Роднините протестот го најавија во вторникот, во знак на револт против изречените затворски казни.
Семејствата на осудените излегоа на протест откако на повтореното судење Кривичниот суд изрече три доживотни казни за тероризам, една казна затвор на 15 години и една на 9 за петкратното убиство во 2012 година на Смилковското Езеро.
Агим Исмаиловиќ, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири треба да одлежат доживотно, но последните двајца се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани.
За шестиот обвинет, Сами Љума, обвинението беше отфрлено, поради немање докази, а трошоците за неговото судење паѓаат на грб на државниот буџет.
До правосилност на пресудата, осудените остануваат во притвор.
Адвокатите на обвинетите најавија дека ќе ја обжалат одлуката и дека ќе се повикуваат на пресудата на Врховен суд, со која се ослободени обвинетите.
Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и Борче Стефановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски и ДПМНЕ немаат план ниту визија, со нив нема членство во ЕУ
„Мицкоски и ДПМНЕ немаат план, ниту визија за иднината, кристално е јасно дека со нив нема членство во ЕУ.
Мицкоски и ДПМНЕ како иднина, на граѓаните им нудат враќање во минатото, во изолација, режим, неизвесност.
Граѓаните сакаат напред, сакаат членство во ЕУ, повисок животен стандард, поголеми плати и пензии, сакаат да живеат во европска Македонија.
Затоа, на изборите ќе го дадат својот глас за европска иднина со СДСМ и Димитар Ковачевски“.
Соопштение на СДСМ
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Овие избори се последна шанса за Македонија
„СДС ја фрли Македонија во хаос. Институциите се парализирани, апатија и разочараност ги тиштат граѓаните.
Корупцијата е распространета во секоја пора на општеството. Во Македонија со СДС услугите кои треба да ги пружи државата на граѓанинот станаа мисловна именка. Лотариска среќа е ако може некој да извади пасош и лични документи, пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде, не само младите туку и сѐ повозрасни размислуваат да ја напуштат земјата не гледајќи веќе ниту систем, ниту ред, СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите скандали, се срамиме од нивните недостоинствени настапи низ светот, иднината и подобриот живот се далечен.
На врвот на листите на корупција, мизерија и немаштија сме. За 7 години колку што се на власт СДС и ДУИ ја презадолжија државата, го урнисаа системот и криминалот го направија столб на своето функционирање.
Ова не е Македонија што народот ја сака и ја заслужува. Овие избори се последна шанса за спас. Шанса во која може да се верува, избор во кој мора сите граѓани да учевствуваат. Македонија е едноставно одземена. Но, промените се можни и се на дофат.
Промените се во твои раце! Македонија повторно ќе биде твоја!“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија
СДСМ: На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината, нема откажување
На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината. Граѓаните сакаат европски стандарди дома, сакаат развиена држава со подобри услови за живот.
На граѓаните им е доста од делби и поделби, не сакаат враќање назад во изолација и незивесност, сакаат и заслужуваат да живеат во европска Македонија, со европски животен стандард, велат од СДСМ.
„СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат конкретен план, волја и знаење, за исполнување на стратешката цел – членство на ЕУ.
Членство во ЕУ, не заради остварување на европски сон, туку заради европски животен стандард, поголеми плати, пензии, подобро здравство, образование, правда. Само со членство во ЕУ се можно суштински и темелни промени во македонското општество“, се додава во нивното соопштение.
Затоа, како што додаваат не смееме да се откажеме. Оценуваат дека патот до ЕУ е тежок но тој е вистинскиот и дека нема откажување од иднината.