Македонија
Трајанов: Апсурд е во лична карта да стои етничка припадност
Апсурд е во лична карта да стои етничка припадност, вели претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов во врска со предлог-измените на Законот за лична карта.
Според него, предложените измени со кои се предвидува покрај другите податоци, име и презиме, датум и место на раѓање, единствен матичен број, државјанство и сл., да биде впишана и етничката припадност се против граѓанскиот концепт на државата, можат да предизвикаат дискриминација на граѓаните и да ги повредат нивните индивидуални и колективни права.
„Така, на пример, при идентификација со лична карта во банка, суд, полиција или во друга државна или јавна институција се презентира и етничката припадност, Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак, народите наведени во Уставот на РСМ, но и други етникуми, што навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина значи нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа и различен третман, како и поларизација и дискриминација. Во иднина некој може да побара во личната карта да се впише и религиската определба, како и други карактеристики и обележја за секој поединец или колективитет, чие изложување може сериозно да ги наруши приватните и колективните права на граѓаните. Во предлог-законот нема компаративни податоци и анализи, нема образложение зошто се предлага ваква измена“, вели Трајанов.
Според него, овој податок што ќе се внесува во личната карта ќе значи и можност за пребројување по етничка припадност и по тој основ ќе има можност за поделби, затворање во етнички гета, нарушување на еднаквоста пред законите и институциите, расправии, нетрпеливост, омраза, па дури и физички пресметки.
„Без разлика што сите партии застапени во Собранието досега немаа забелешки, некои еуфорично ги прифаќаат измените, сугерирам уште еднаш да се преиспитаат овие измени кои треба да се вградат во документ за идентификација, во кој воопшто не се важни податоците за етничката припадност, освен ако не се ‘предвидува’ во иднина стекнување предност и права поврзани со етничката припадност. На пример, ако возиш над дозволената брзина, а, да речеме, си Французин, ќе добиеш казна од 200 евра, додека ако си Турчин – 500 евра? Тоа го посочувам за да се види апсурдноста на овие промени кои пратениците наскоро ќе ги гласаат“, вели Трајанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од неколку скопски населби без струја
Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00ч до 16,00ч дел од корисниците во с. Волково и с. Кучково ( о. Ѓ. Петров);
· Од 09,00ч до 14,00ч корисниците од ул. Банско, ул. Баница, ул. Наум Охридски и ул. Жванска (о. К. Вода);
· Од 07,00ч до 15,00ч новите згради спроти Мерцедес ул. 852 (о. Г. Баба) и
· Во период од 09,00ч до 15,00ч дел од ул. Милан Мијалковиќ, ул.Пржино, ул.Кавалска (о. К. Вода).
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено во северозападните делови каде ќе има услови за ретки грмежи. На планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје променливо облачно и посвежо со услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно и посвежо, наместа со повремени врнежи од дожд. Во петок пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови, а во недела на повеќе места. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.