Македонија
Тренчевска: Грижата за ранливите категории граѓани е наша заедничка одговорност
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска оствари средба со Мајкл Самец, тим лидерот на проектите за социјални права за ранливи категории лица и превенција и спречување на трговија со луѓе од Западен Балкан, од Германското друштво за интернационална соработка,(ГИЗ), Светлана Здравковска, и Весна Вујовиќ, координатор на ГИЗ за нашата земја.
На средбата се разговараше за проекти кои имаат за цел поголема социјална инклузија во општеството. Притоа, акцентот беше ставен на проектот социјално менторство, врз основа на кој неодамна беа доделени сертификати на првите 12 социјални ментори во државата, кои поминаа шестмесечна верификувана едукативна програма.
Министерката го истакнала значењето на воспоставувањето на социјалното менторство кое ќе придонесе за надградување и развој на социјални работници, психолози и други профили од општествените науки во ментори за работна интеграција, кои имаат за задача да работат на зајакнување на капацитетите на тешко вработливите лица и им помогнат да излезат на пазарот на труд , а со тоа станат активни чинители во општеството.
„Потребата од вакви професионалци станува сè понеопходна и затоа создаваме услови за развој на социјалното менторство во земјава. Грижата за ранливите категории е наша одговорност и сите политики и активности ни се насочени кон поддршка на овие лица и нивно активирање на пазарот на труд, а со тоа стекнување на сопствена финансиска независност “, истакна министерката Тренчевска.
На средбата станало збор и за вториот проект на кој работи Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), трговија со луѓе, превенција и социјална инклузија на жртвите.
Двете страни изразија уверување за продолжување на досегашната соработка и продлабочување на истата, истовремено ја потврдија својата посветеност на прашањата од кои произлегуваат директни придобивки за граѓаните, особено ранливите категории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сајкоски: Во програмата „Платформа 1198“ за Битола предвидено е изградба на обиколница што ќе ја поврзува со Грција
Битола и битолчани ќе бидат во фокусот на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За Битола се предвидени многу инфраструктурни проекти. Во новата програма „Платформа 1198“ за Битола е предвидено да се изгради обиколница што ќе ја поврзува со Грција. Предвидено е да се изгради автопат кој што ќе поврзува Битола со Прилеп, а исто така предвидено е да се изгради патот Градско-Прилеп, со тоа што Битола ќе биде поврзана инфраструктурно и ќе има добра можност за економски развој, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.
Исто така, додаде Сајкоски, предвидено е реконструкција и рехабилитација на патот Кичево-Охрид, подобрување на патната инфраструктура кон Ресен, а во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ предвидено е подобрување на железничката инфраструктура.
Како што рече Сајкоски, со ова, Битола ќе добие можност за економски раст и развој, можност за подобра иднина на сите, и за младите и за возрасните.
– Битола ќе го добие процутот онаков каков што треба да го има низ годините. Битола ќе биде економски центар во регионот, рече Сајкоски.
Македонија
Ковачки: Со Платформата 1198 ќе го развиваме истокот на Македонија, изградба на Клиничката болница и обиколница во Штип како и поврзување со Струмица
Полека се враќа ентузијазмот кај нашите граѓани, сите се приклучуваат на идејата за Твоја Македонија и сите ни се приклучуваат на ВМРО-ДПМНЕ. Со Платформата 1198 планираме да го развиваме истокот на Република Македонија, планираме изградба на Клиничката болница во Штип, планираме обиколница околу нашиот Штип и секако планираме физибилити студија, изработка на проект за поврзување на Штип со Струмица. Како што работи успешно нашиот градоначалник во Штип, така планираме да работиме и ние на централно ниво, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.
– Ги повикувам сите граѓани масовно да ни се приклучат на 24 април да го дадат својот глас за број 2 за Гордана Силјановска Давкова да биде претседател на Македонија, а потоа на 8 мај за Христијан Мицкоски и во Изборна единица 3 да освоиме една голема победа за ВМРО-ДПМНЕ и за Република Македонија, рече Ковачки на средба со граѓаните.
Македонија
ДУИ: Мицкоски сака враќање на државата пред 2001 година, Македонија без Албанци
Мицкоски и ВМРО јавно бараат Македонија без Албанци. Тој дури отворено ги повикува сите Македонци да се обединат против Али Ахмети и ДУИ, се вели во партиското соопштение од ДУИ.
– Мицковски на митингот во Кратово побара обединување на сите Македонци за Албанците да не добијат ниту еден пратеник во третата изборна зона. Вокабуларот на Мицкоски не е само против Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, туку и против Охридскиот рамковен договор, барајќи конкретно враќање на државата пред 23 години, се вели во соопштението.
Во соопштението се додава дека „ДУИ и Европскиот фронт изразуваат длабока загриженост за националистичкиот и антиевропскиот речник на ВРМО, кој чувствувајќи го поразот на 24 април и 8 мај, поттикнува меѓуетничка и антиевропска омраза во Северна Македонија“.
Исто така, тие ја повикаа албанската опозиција „да се вразуми и да не стане алатка на руската агенда што ја прокламира ВМРО и нивните гласноговорници“.