Македонија
Тренчевска: Продолжуваме заедно да обезбедуваме пристојни услови за старите лица
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со здружението за социјална заштита на старите лица „Се грижам“. На средбата се разговараше за измени и дополнување на правилникот за нормативите и стандардите за простор, опрема, стручни кадри и средства потребни за основање и почнување со работа на установа за социјална заштита за стари лица.
Тренчевска истакна дека Министерството ќе работи на прифатливи решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат домовите што имаат добиено дозвола за работа за да може да се одржи нивното функционирање.
„Во периодот што следува ќе го разгледаме предлог-правилникот на веќе постојните установи за згрижување стари лица и ќе обезбедиме временски период на усогласување на домовите со нормите на правилникот за да обезбедиме одржливост на установите“, рече Тренчевска.
Министерката истакна дека општите стандарди на сите домови треба да бидат исполнети, со цел да се одржат домовите како пријатни установи, кои добро ќе влијаат на психосоцијалниот живот на старите лица.
На крајот од средбата здружението се заблагодари за можноста да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат приватните установи за стари лица во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото-настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото-настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори ќе им бидат презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Преку дружење со претставници и членови од мото-клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење електрични превозни средства“, велат од Општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на факултетот ќе бидат Клиничката болница – Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ – Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид , Специјалната болница за нефрологија – Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти, кои ќе станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места да студираат во своето место. Значително ќе придонесе во создавањето нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.