Македонија
Тренчeвска-Диџовани: Ќе работиме заедно на обуките за јакнење на капацитетите на социјалните работници
Mинистерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска имаше протоколарна средба со претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Диџовани.
На средбата тие отворија прашања од областа на детската и социјалната заштита, заштита на децата од насилство, инклузивноста на детските градинки. Министерката Тренчевска рече дека во наредниот период, МТСП ќе ги забрза реформите, особено во јакнење на капацитетите на социјалните работници.
„ Ќе работиме заедно на обуките за јакнење на капацитетите на социјалните работници за да можат поуспешно да ја спроведуваат активација преку која ранливите групи граѓани ќе излезат од системот на социјална заштита. Секоја поддршка и вклученост на УНИЦЕФ како наш партнер е многу значајна. Во тој дел добредојдени ќе ни бидат и анализите, истражувањата, еваулацијата која ја прави УНИЦЕФ бидејќи тие ќе ни покажат како да одиме понатаму, односно што е она што можеме да го промениме во законите, преку правилник за принципот на работа на Центрите за социјална работа“, рече министерката Тренчевска.
Претставничката на УНИЦЕФ Патриција Диџовани посочи дека истражувањата и анализите покажуваат дека пристапот до квалитетни програми за ран детски развој и учење се битни во образовниот успех како и за благосостојбата, вработливоста и социјалната интеграција. Таа порача дека Министерството и Владата и понатаму ќе ја имаат поддршката на УНИЦЕФ.
Теми на денешната средба, беше и процесот на деинституционализацијата, за кој министерката Тренчевска нагласи дека е особено горда, бидејќи наместо во големи и гломазни институции, децата сега се сместени во мали групни домови, во кој владее атмосфера налик на семејната.
„Ќе продолжиме со јакнење на капацитетите на тимовите кои работат во малите групни домови со цел кога ќе излезат од нив, лесно да се вклучат во општествениот процес. Целиот процес е навистина за почит. Исто така треба да јакне и капацитететот на воспитниот кадар за работа со децата со попреченост во детските градинки, бидејќи ниту едно дете не треба да биде оставено на страна. Со инклузивноста сите деца се заедно уште од претшколска возраст. Така кај останатите деца ја будиме емпатијата и прифаќањето на различностите. Целта ни е од мали нозе да нема стереотипи и предрасуди во текот на целиот образовен процес“, рече министерката Тренчевска.
Министерката Тренчевска посочи дека Министерството и Владата се посветени и на искоренување на сите облици на насилство врз децата и дека во нареднот период со заеднички кампањи ќе се промовира згрижувачкото семејство, како еден од најхуманите облици за згрижување на деца.
На средбата двете соговорнички разговараа и за утрешната конференција „Интеракцијата помеѓу благосостојбата на детето и академските достигнувања“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прва пресуда за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација
Основниот суд во Неготино, како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од Квир Центар, против лицето С.М. од општина Демир Капија, за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, на 15 март 2024 г. донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.
Обвинетиот, во јули минатата година, на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска содржина има напишано два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидена е казна со затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.
Скопскиот Квир Центар ја поздравува одлуката на судот кој демонстрираше дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТИ+ луѓето. Говорот на омраза поттикнува сторување дела од омраза, па Квир Центар смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кој основ или нивна различност ќе бидат мета на говор на омраза или дела од омраза.
Македонија
(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски
„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша. Она што особено ги загрижува граѓаните на Прилеп, е зачестениот тренд на опожарување на возила. Во последните неколку недели, запалените автомобили станаа прилепско секојдневие. Горат автомобилите на наши сограѓани: бизнисмени, обвинители, адвокати. Дневните билтени на МВР се претворени во регистер на настани од рубриката „црна хроника“, а фактот дека ниту еден од сторителите и нарачателите на овие дела не е откриен, го зголемува чувството на страв и несигурност кај граѓаните“, вели Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
„Заради нестручноста на партиските војници на ДПМНЕ инфилтрирани во највисоките раководни структури на МВР, Прилеп стана опасно место за живеење.
И покрај тоа што на сите 15 клучни оддели за борба против криминалот техничкиот министер Панче Тошкоски постави свои началници, во изминатите два месеца Министерството за внатрешни работи не испорача никакви резултати.
Ветувањата на Тошкоски дека ќе ја интензивира борбата против криминалот, дека криминалните банди ќе станат минато, останаа мртво слово на хартија.
Голема лага беше и ветувањето на неговиот партиски шеф Христијан Мицкоски, дека кадрите на ДПМНЕ за две недели ќе ги расчистат сите афери и скандали во државата.
За само два месеца, ДПМНЕ не’ потсети на 11-годишното живеење во режим и повторно на дело го врати системот МВРО-ВМРО. Во ДПМНЕ ништо не е сменето. Тоа е истата режимска и антиевропска партија, за која граѓанските права и демократските вредности се мислена именка.
Нема промена на подобро со ДПМНЕ, тоа е партија која не може да донесе позитивна промена. Со ДПМНЕ загрозена е безбедноста на граѓаните на Прилеп.
Загрозувањето на европскиот пат значи и загрозување на безбедноста на граѓаните, тоа прилепчани добро го знаат“, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
Македонија
Демири и Манолева во Охрид: Здравствениот дом со реновирана служба за вакцинации и две нови амбулантни возила
Министерот за здравство Илир Демири и заменик-министерката Маја Манолева денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот дом во Охрид и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“-Охрид.
„Во изминатиот период Здравствениот дом значително ги унапреди условите со реновирање на просториите во Службата за вакцинации, како и зголемување на нивото на здравствена заштита“, рече министерот Демири.
Со обнова на опремата за лабораторија и медицинска апаратура се прошири делокругот на анализи, кои сега се вршат во зздравствената установа.
„Како што ме информира директорката, набавени се две амбулантни возила за Итната медицинска помош од сопствени средства, со што се изврши обнова на возниот парк, поефикасно, побрзо и навремено реализирање на здравствените услуги за пациентите“, изјави Манолева.
Со цел подостоинствени услови за пациентите и вработените, потпишан е договор за поправки, санација на објектот „Маларична“ со примена на фасада, покрив и партерно уредување. Исто така, спроведена е постапка за санација на објектот амбуланта „Белчишта“ во вредност од 7.665.280.00 денари од сопствени средства.