Македонија
Тркалезна маса на стипендисти на Чивнинг програмата од Македонија и регионот
Во Скопје се одржа тркалезна маса на стипендистите на Чивнинг програмата, на која се зборуваше за перспективите на Западен Балкан по Лондонскиот самит. На настанот, чиј организатор беше Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА) со поддршка од Програмскиот Фонд за Чивнинг Алумни (CAFF), покрај стипендистите од Македонија учествуваа и стипендисти од земјите од регионов, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора и Бугарија. Во рамките на настанот се одржаа два паралелни панели на кои учесниците дискутираа за Економска стабилност, меѓусебна поврзаност, вклучувајќи ги младите и образованието, како и за Регионалната безбедност, корупцијата и политичката стабилност.
Според Рејчел Галовеј, британската амбасадорка во Македонија, која го отвори настанот, Чивнинг стипендијата е вистинска можност за сите кои сакаат да го продолжат образованието на некој од најпрестижните универзитети во Британија.
„Ние сме особено горди што во нашата земја се наоѓаат четири од десетте најдобри универзитети во светот. Чивнинг стипендиите се можност за студирање на одлични факултети во Британија и истовремено начин студентите да ги надградат своите академски, професионални и лични способности. Британското високо образование ја промовира размената на информации и идеи, како и проширувањето на знаењето и комуникацијата меѓу студентите. Воедно, им посакувам многу среќа и успех на седумте стипендисти од Македонија од оваа генерација на Чивнинг“, истакна Галовеј.
Чивнинг стипендиите се дел од глобалната програма на Британската влада за стипендирање, финансирана од Министерството за надворешни работи и Комонвелт и партнерски организации. Станува збор за престижна меѓународна програма за стипендирање чија цел е развој на глобални лидери и истата дава можност идните лидери и влијателни лица од целиот свет да се развиваат професионално и академски, да ја искусат британската култура и да изградат трајни позитивни врски со Британија.
Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, кој и самиот е Чивнинг стипендист, поздравувајќи ги присутните истакна дека програмата е одлична можност за младите во Република Македонија за стекнување образование на реномирани светски универзитети, но и за запознавање и соработка со различни култури од целиот свет.
„Стипендиите, освен што даваат можност за стекнување извонредно образование, бидејќи се учи на престижни универзитети, според најнова литература, најнови трендови во теоријата и практиката на светско ниво, со почитување на отвореност и критичко мислење, нудат и можност за размена на идеи и создавање непроценливи искуства и контакти. Тие се извонредна можност за младите во Македонија за стекнување нови знаења и искуства и истовремено за градење мостови на долгорочна соработка меѓу Македонија и Британија. Но, не станува збор само за младите, од моето искуство стипендиите се одлична можност за надградба на знаењето на секој поединец профилиран во својата област“, рече Манчевски.
Како дел од настанот се одржа и информативна сесија на која се презентираше Чивнинг стипендијата за мастер студии каде сите заинтересирани имаа можност да слушнат повеќе детали за истата и истовремено директно да зборуваат со стипендистите за нивните искуствата.
Чивнинг стипендиите им се доделуваат на лица кои покажуваат лидерски потенцијал и имаат одлична академска основа. Со нив се дава финансиска поддршка за школување на магистерски студии на кој било британски универзитет. Стипендиите Чивнинг се целосни, ја покриваат школарината, сместувањето и другите трошоци во Британија.
Чивнинг постои од 1983 година и низ годините се разви во престижна меѓународна програма. Чивнинг стипендисти се од над 160 земји и територии во светот (со исклучок на САД и ЕУ).
Заинтересираните кандидати од Македонија од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор можат да аплицираат за Чивнинг стипендијата до 6 ноември 2018 година. Стипендијата нуди целосна финансиска поддршка за магистерски студии на универзитети во Обединетото Кралство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачевски: Со ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса и ќе заглавиме во изолација
Со ВМРО повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса, а Мицкоски за тоа ќе ја обвинува ЕУ бидејќи тој не е човек кој презема одговорност за ништо, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот на Коалицијата за европска иднина вечерва во Охрид.
-Сега повторно слушаме како ВМРО ДПМНЕ сее страв дека со членството во ЕУ ќе сме ја изгубеле државата. Мицкоски и Силјановска ветуваат некакви алтернативни решенија за членство во ЕУ. Но, верувајте почитувани Охриѓани, тоа е само продавање магла. Такво нешто не постои нигде освен во нивните глави. ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ. Ние заедно нема да дозволиме да си поигруваат со нашата иднина и иднината на нашите деца, рече Ковачевски.
Вчера, токму тука во Охрид, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Не би ме чудело да е спремен и засекогаш да спушти рампа на патот на Македонија кон ЕУ, додаде Ковачевски.
-Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ и за јуриш кон европската идеја. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, рече вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Мицкоски со повик до опозицијата за национално единство
Живееме во тешки времиња. Државата е во хаос, институциите се парализирани, апатија и разочараност се чувствува насекаде. Изгубена е довербата во политичарите, бидејќи народната волја е многупати изигрувана. Ништо не функционира. Македонија е одземена од рацете награѓаните, а граѓаните со право се скептични дали може да се промени тоа, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Крива Паланка.
Мицкоски додаде дека овие избори се последна шанса за спас, промените се можни и се на дофат, а народот бара промени затоа што Македонија е изморена од чекање.
Народот нема контрола врз сопствената држава затоа што стотина луѓе од ДУИ управуваат со цела Македонија. Се создаден артаноиден режим кој е дополнуван и ослужуван од слугите од СДСМ и Ковачевски. Тие тоа го прават за да купат ден повеќе, а ДУИ за да украде милион повеќе. Оваа држава не се создаде за да им служи и биде јагма на Ковачевски, Талат, Ахмети, Бујар или Зечевиќ, туку да им служи на граѓаните на Македонија, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека СДСМ разработуваат е своевиден заговор против Македонија, наместо да поработат на понуда и план за излез од кризата, тие од ДУИ и СДС земале дигитроните и прават математика колку може да си поделат од позициите и државните функции.
– ДУИ со нивните коалициони сакале 70 посто од министерствата, компаниите, институциите, а 30 само 30 посто за СДСМ и Ковачевски. И за ова има информации дека имало веќе средби, а Ковачевски му рекол на Ахмети земи бел лист ххартија напиши колку треба за СДСМ ние ќе прифатиме. Ете на тоа дереџе падна СДСМ, и со тој образ ѓон партијата ја сведоа на најниските гранки. Од друга страна дека ова е вистина што ви го кажувам се потврдува со инаа симулација која вчера ДУИ ја направи на распределба на министерски места и владини позиции. Јадно СДСМ никаде го нема. Ќе им порачам кусо, влада не се прави со дигитрони, туку со поддршка од народ. И оваа завера нема да ви помине, истакна Мицкоски.
Според него исто така и Стево Пендаровски е активно вклучен во молење кон странците, но секоја врата му е затворена и треба да знаат дека ќе изгубат силно и убедливо.
Мицкоски им се обрати на неопределените и тивкото мнозинство велејќи дека тоа се луѓе со извонредни капацитети кои ги повика да гласаат и да ја поддржат ја опцијата која ќе ја направи Македонија повторно твоја.
– Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски посочи дека подава рака за обединување во битката против оваа ненародна власт предводена од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ, затоа што гласањето и излегувањето на овие избори не е само наше уставно право туку и чин на патриотска должност, а прифаќањето на подадената рака ќе значи дека искрено и чесно сите се бориме против оваа власт.
Изборите на 24 април, па потоа на 8 мај се таа шанса за народот. Неизлегувањето на изборите е поддршка и награда за сите оние кои се лоши политичари. Гласањето на овие избори и поддршката прво на професорката Гордана Силјановска Давкова потоа и на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија значи приклучување кон единствената сила за промени ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека „Платформа 1198“ им конкретни проекти што ќе ја обноват и ќе ја преобликуваат нашата иднина, но и кои ќе утврдат јасна траекторија за нашите граѓани.
Ветуваме економски раст до 5 %, Отворање на 55 илјади нови работни места, Фронт против корупција. Проверка на имотот на судиите и јавните обвинители и нивните семејства, 250 милиони евра за инвестиции во општините. Реорганизација на министерствата и институциите и ќе го намалиме бројот на функционери. Грижа за најранливите категории преку повеќе мерки и реформи меѓу кои и зголемување на надоместок за социјална заштита. Зголемување на пензиите за 5 000 денари за сите пензионери. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка, посебна финансиска поддршка за мајките преку поврат на даноци и 6 бесплатни оплодувања ин витро, демографијата е многу важна. Поевтини сметки за струја преку укинување на тарифата за пристап до мрежа, 800 милиони евра за македонското земјоделство и уште многу други проекти, изјави Мицкоски.
Македонија
Ковачки: Предвидуваме поврзување на Крива Паланка со Македонска Каменица со асфалт, пат Тораница – Саса во должина од 19 километри
„Македонија е во претешка состојба. Економијата е крахирана, системот е девастиран, а криминалот и корупцијата длабоко навлезени во секоја пора од општеството. Со ДУИ и измеќарите од СДС, животот никогаш не бил потежок. Нема ден да помине без некој нов коруптивен скандал или афера. Ненормалното го претставуваат како нормално, наспроти вистинските вредности и принципи врз кои треба да ја темелиме иднината на Македонија и народот“, истакна носителот на ИЕ3, Драган Ковачки од митингот во Крива Паланка.
Ковачки додаде дека скандалите и аферите се секојдневие. Нема тендер, а да не е сомнителен, нема работа во која власта на ДУИ и СДС нема некој процент или екстра заработувачка. Се им се врти околу екстра заработувачка. Додека граѓаните потонаа во сиромаштија и беда, тие го окрупнуваа своето богатството.
„На Димитар Ковачевски му беше прифатливо се што ќе Али Ахмети, затоа што тоа му беше единствен спас за да опстои на власт, државата им ја даде на тацна на ДУИ. А, на сметка на тоа на граѓаните им дадоа апатија и разочараност, државата ја потонаа во долгови, со највисока стапка на инфлација и рекордер по сиромаштија“, укажа тој.
„Овие избори се историски момент во кои мораме да одбереме помеѓу два концепта. Едниот концепт го нуди ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е „Платформа 1198“, проекти, реформи, иднина, надеж, а другиот концепт е на ДУИ и СДС, корупцијата, непотизмот, партизираното судство, милионските тендери и екстра профити“, нагласи Ковачки.
Тој посочи дека „Платформа 1198“ подразбира Македонија да биде повторно твоја, во рацете на граѓаните.
„Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на економски раст од 5 проценти, намалување на невработеноста на 7,5 проценти и нови 55.000 вработувања, на ниски даноци и рамен данок, на 2 милијарди евра за патна инфраструктура, изградба на нови патишта и реконструкција на постоечките. Ветуваме конечна изградба на Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип. Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на 3 милијарди инвестиции, привлекување на директни странски инвестиции и поддршка за домашното стопанство“, порача тој.
„Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на 50 милиони евра за спортот, 5.000 денари линеарно покачување на пензиите на сите пензионери во првата година од мандатот, почитување на колективниот договор во образованието и конечно добивање на она кое што го заслужуваат, повисоки плати за просветните работници, 250 милиони евра реалокација на средства од државниот буџет за општините за една година, или една милијарда евра за четири години од мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ“, укажа Ковачки.
Ковачки рече дека со „Платформа 1198“ се обврзуваат на 800 милиони евра за земјоделците, гарантиран откуп и загарантирани цени на земјоделските производи.
„Исто така „Платформа 1198“ подразбира бескомпромисна борба против криминалот и против корупцијата. Само така од Македонија повторно ќе направиме правична држава, во која владее правото и во која секој кој се огрешил пред законот, соодветно ќе одговара. Нема повеќе, законот да важи само за граѓаните, а не и за владата на СДС и ДУИ. Туку за сите подеднакво. Секој еден кој погрешил, ќе мора да си добие соодветна казна“, додаде тој.
„Овде во Крива Паланка со „Платформа 1198“ предвидуваме поврзување на Крива Паланка со Македонска Каменица со асфалт, пат Тораница – Саса во должина од 19 километри, предвидуваме доизградба на главен фекален колектор по фази и докоплеменетирање на техничката документација за пречистителна станица, изградба на нов водоводен систем од Љуњки до село Конопница. Предвидуваме исто така изградба на делница од Страцин до Длабочница како дел од експресниот пат А2, од Ранковце до Крива Паланка од патниот коридор 8 кон Република Бугарија“, истакна Ковачки.
Ковачки од Крива Паланка порача дека ова е последна шанса за да се делегитимираат корумпираните елити на СДС и ДУИ. Да се делегитимира нелегитимниот Димитар Ковачевски кој на тацна им ја даде Македонија на ДУИ и стопанот Али Ахмети.