Македонија
Тркалезна маса: Соработка помеѓу младите и локалните институции за зајакнување на вработливоста
„Подобрување на соработката помеѓу младите и локалните институции во насока на зајакнување на вработливоста“ беше темата на која во хотелот „Кристал палас“ денеска дискутираа младите и претставници на институциите чии надлежности се допираат со младинските политики.
Настанот беше организиран од Коалицијата на младинските организации СЕГА, во соработка со СОС „Детско село“, во рамките на проектот „Зајакнување на младите преку нови можности (YEEP)“ и тие поддржаа младинска иницијатива со цел подобрување на мерките за вработливост на млади лица на локално ниво.
Во своето воведно обраќање и претставување на проектот извршниот директор на Коалицијата на младински организации СЕГА, Зоран Илиески, истакна дека проектот што се спроведува во Западен Балкан се вика „Младинско охрабрување за нивните можности“, финансиран од германската влада, а во Македонија се спроведува во три општини – во Прилеп, Тетово и во Битола – вклучувајќи ја координацијата во Скопје.
Илиески додаде дека се во комуникација и во координација со локалните бизниси во градот и дека предизвикот со кој се соочуваат младите лица по завршувањето на образовниот процес е излегувањето на пазарот на трудот и судирање со реалноста од непоседување работно искуство.
Градоначалникот Јовчески, заблагодарувајќи се за поканата да присуствува на оваа тркалезна маса, посочи дека ова е почеток на заедничка и успешна соработка во која заедно со локалните институции ќе придонесат за интеграција на младите на пазарот на трудот.
Заблагодарувајќи се за поканата, претседателот на совет на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, потенцира дека преку формирање младински совет на Прилеп во иднина ќе се унапреди соработката со младите лица.
Тркалезната маса ќе придонесе за подигнување на свеста и вмрежување кај клучните засегнати страни за адекватна поддршка и интеграција на младите луѓе на пазарот на труд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Европскиот фронт: Очекуваме голема историска победа, тоа го потврдуваат информациите од терен
„Народот го кажа своето, имавме мирен изборен ден и слободни избори“, изјавија веднаш по изборниот молк од Европскиот фронт.
„Покажавме демократска зрелост како што и доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со ЕУ. Денес граѓаните го кажаа својот збор а на нас е да ја преточиме таа волја во акција. Имавме исклучителна кампања, напорна и вредна, беше европска на која треба сите да се гордееме“, посочија од Европскиот фронт.
На прашањето колку се задоволни од одзивот на гласачите и за првичните партиски пресметки Арбер Адеми од ДУИ истакна дека очекуваат голема победа за нивниот кандидат Бујар Османи.
„Сите информации од терен тоа го потврдуваат. Очекуваме победата да биде голема, историска“, рече Адеми.
Македонија
ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список
Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и демократска атмосфера, но нагласуваат дека сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места.
Како што информираше Моника Маневска, портпаролот на Ванковска, забележани се помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и др.
Истакна дека од терен добиваат информации дека во Куманово се правеле редици заради проблемите со фингерпринт, а во некои изборни места гласањето почнало со доцнење.
Исто така беше кажано дека и на овие избори се појавуваат нерегуларности во избирачкиот список па така во некои изборни места има запишано почонати гласачи, а некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса ги нема во изборниот список.