Македонија
Улична дебата во Собранието: Пратениците од СДСМ се изроди, а тие од ВМРО-ДПМНЕ се за лекување во Демир Хисар
Дебатата во парламентот за францускиот предлог, освен навивачките реквизити, знамињата и свирежите, ја зачини и говорот полн со омраза и навреди од двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги нападна пратенците од владејачкиот СДСМ нарекувајќи ги предавници кои решиле да ја погребаат илинденска Македонија релативизирајќи го францускиот предлог под флоскулата – моментот е сега.
„Се превртуваат во гробот и партизаните и илинденците. Овие ‘људи’ за грст пари се спремни да кажат дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и дека сите учебници ќе одат на ревизија во Софија. И само ако тие одобрат, вашите деца ќе може да учат. А што ќе учат, македонски народе? Дека Гоце Делчев е Бугарин, дека Крсте Петков Мисирков е Бугарин? Дека младинците во Ваташа не ги убил бугарскиот фашистички окупатор? Дека Бугарија не била окупатор, туку администратор. По сите зулуми шт ги направиле тука, замислете – ние треба да им се извиниме на Бугарите“, рече Ласовска.
Таа смета дека СДСМ ја отворил Пандорината кутија уште кога се сменило името на земјата, а сега власта сака „со едно пусулче од информација бргу да ја погреба Македонија“.
„Кој црн успех, изроди едни, го слушате ли крикот на македонскиот народ? Ви велат да не го прифаќате предлогот. Гласно ја прашувам пратеничката Жаклина Лазаревска од Охрид дали ќе ја стави плочата на Самуиловата тврдина во Охрид дека е дел од бугарската историја? Редно е таа чест тебе да ти припадне. А оние што се од Кавадарци кому ќему се поклонуваат во Ваташа, на бугарскиот админстратор или на децата убиени од бугарскиот окупатор?
Ќе гласаат домашните предавници за говор на омраза, нема да смеете да писнете против нив. Полиција на мисла ќе воведуваат демокративе што рушеа режим. Ако ве осудат, ќе одите на некој остров да работите на плантажите за марихуана за да може наркобосот број еден во државата да купи уште некој остров“, обвинуваше Ласовска.
Пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ, излезе со знамето на говорница да ѝ реплицира.
„Овие луѓе што го зборуваат ова се за лекување во Демир Хисар. Ја лажат Македонија, и Левицата и ВМРО-ДПМНЕ се платени од странски служби. Им смета што македонскиот јазик ќе влезе како службен јазик во ЕУ. Вас ве мразат партизаните оти соработувавте со окупаторот. Историјата останува наша, а вие патолошки лажете. Ние имаме една цел, за подобра иднина, да живее Македонија, да живее македонскиот народ“, порача Коциќ.
Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ веднаш му реплицира:
„Благонадежното Блгарче од Велес е срам за Македонија. Некои Македонци можеш да ги лажеш цело време, некои воопшто не можеш да ги лажеш.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонски концепт: Ја поздравуваме одлуката на кандидатот Пендаровски да го истрча и вториот круг
Колку беше важна победата на кандидатката Гордана Силјановска Давкова во првиот круг, толку е важна одлуката на кандидатот Стево Пендаровски да го истрча и вториот круг и да не ги бојкотира претседателските избори, велат од Македонски концепт.
„Бојкот никогаш не бил решение, ниту на Референдуми, ниту на Попис на население, ниту пак на Избори. Мора да се почитува волјата на народот и да биде мирно предадена власта на победничката Коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО ДПМНЕ, а чиј дел е и нашата партија Македонски Концепт.
Партијата Македонски Концепт честита на огромното водство на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, што е резултат на нашите политики за обединување на опозицијата, нешто што го депласираше и детронизирање ДУИ и нивните сдса измеќари, а со цел уште поголема победа во вториот круг на 8ми Мај, повикуваме на уште поголемо обединување и окрупнување на Коалицијата „Твоја Македонија“ со останати добронамерни политички партии и членови и симпатизери на останати партии, чии водства се платеници на ДУИ, но нивните поддржувачи се искрени Македонци и искрено се радуваат на оваа голема македонска победа.
Македонски Концепт го реафирмира својот став за граѓански концепт на Уставот на државата и ги повикува сите македонски граѓани, без разлика на етничка, верска, партиска или друга припадност, да се вклучите во нашите активности и на 8ми Мај да дадете поддршка на Коалицијата „Твоја Македонија“ и број 2 на гласачкото ливче и за претседателски и за парламентарни избори“, велат од партијата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8. мај
Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација на Македонија, порача ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од претседателските избори.
„Народот избра промени. Македонија повторно ќе биде горда и твоја.
Огромната поддршка на народот обврзува за промени и брзи резултати, работата не е завршена, црвениот картон граѓаните ќе го дадат на 8-ми мај.
На 8-ми мај СДС ќе доживеат уште поголем пораз, затоа што народот сака промени, и просперитет за Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на напорна работа и експресни резултати по 8-ми мај, народот мора брзо да ги почувствува промените и Македонија да тргне напред.
По 8-ми мај Македонија ќе тргне по патот на економска обнова, поголеми плати и пензии, развиена инфраструктура, квалитетно образование, здравство какво што заслужува секој човек. По 8-ми мај следува економска трансформација на Македонија.
Ги повикуваме граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг и да ги потврдиме промените. Народот ќе си ја врати Македонија.
Македонија повторно твоја“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите
Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде како и во 2019 година ќе се соочи со нејзиниот опонент Стево Пендаровски.
Според пребројани 99,85 отсто од гласовите, Силјановска освои 362.682 гласа, или 40,08 отсто, додека Пендаровски првиот изборен круг го завршува со 180.306 гласа, односно 19,93 отсто.
Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто), потоа Максим Димириевски од ЗНАМ со 83.787 гласа (9,26 отсто), Арвен Таравари од ВРЕДИ со 83.356 гласови (9,21 отсто). Следна е Билјана Ванковска од Левица со освоени 41.172 гласа (4,55 отсто) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 0,90 отсто, односно 8.103 гласови.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните.