Македонија
Усвоена национална стратегија и акциски план за борба против насилство врз децата
Владата на последната седница ги разгледа и усвои Стратегијата и Акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Од Министерството велат дека националната стратегија (2020-2025) и акцискиот план (2020-2022) ги претставува визијата, целите, стратешкиот пристап на Владата и активностите што треба да се преземат и унапредат при превенција и заштита на децата од сите видови на насилство. И двата документи беа подготвени од Националното координативно тело за превенција и заштита на децата од злоупотреба и занемарување. Во подготовката учествуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика и од други министерства, како и од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и други граѓански организации.
Заштитата на децата од насилство претставува едно од основните права на секое дете. Насилството останува да биде сериозна реалност за милиони деца во светот, оставајќи долгорочни последици врз нивниот развој, здравје и благосостојба. Кога станува збор за насилството врз децата мошне тешко е да се дефинира вистинскиот обем на проблемот, првенствено поради недоволното пријавување на случаите на децата жртви. Сепак, истражувањата спроведени во светот и кај нас покажуваат дека многу деца непотребно и тивко страдаат од насилство. Насилството се случува во дoмот и во заедницата и често останува нерегистрирано од страна на институциите одговорни за заштита на децата.
„Во Република Северна Македонија заштитата на децата од насилство во последните 15 години е ставено како приоритет на кој континуирано и систематски се работи преку подобрување на политиките, законската рамка и низа мерки и активности за унапредување на системот за превенција и заштита на на децата од насилство. Покрај вложувањето во мерките за заштита на децата од насилство преку законските измени и развивање на програми и услуги, преземени во изминатиот период, во иднина неопходно е да се стави поголем акцент на превентивните програми и активности засновани на докази“, додаваат од МТСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.
Македонија
Нема да има работни саботи за учениците, МОН донесе нова одлука
Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.
Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, велат од МОН.
Од Министерството потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
„Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, додаваат од МОН.
Македонија
Со супервештачење ќе се бара вина кај лекарите за родилката од Дебар, која, по породувањето, се врати дома без јајчник, матка и бубрег
Судот нареди да се направи супервештачење за родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, на која по породување во струшката болница ѝ беа извадени јајчник, бубрег и матка. Наредбата за супервештачење доаѓа откога судот доби целосно спротивни вештачења од Обвинителството и од одбраната. Вештачењето од Институтот за судска медицина, приложено од Обвинителството, посочи одговорност кај лекарите од струшката болница, а вештачењето нарачано од одбраната, кое го направи вештакот Драге Дабески, заклучи дека лекарите ѝ го спасиле животот на родилката.
„Со супервештачењето верувам дека, конечно,. вистината ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена. Вештакот на одбраната не најде лекарска грешка, ме убедува дека со вадење три органи по породувањето со царски рез, ми го спасиле животот иако вештачењето од Судска медицина покажа дека лекарите имаат вина. Јас здравјето не можам да си го вратам, органите ми се извадени и функционирам како половина човек, но очекувам супервештачењето на лекарите да им покаже дека има лекарска грешка и на пациентите да им порачам дека не треба да молчат, треба да се охрабрат и да се борат за вистината“, вели Вепоска за „Макфакс“.
Се пожали дека секое судење дополнително ја исцрпува, а извадените органи ја ограничуваат во мајчинството, во работата и во секојдневниот живот.
„Здравјето целосно ми е нарушено. Освен физички, имам и психички проблеми, се лекувам и од тоа. Особено тешко ги поднесувам судењата, ми треба време да закрепнам од нив. Работам со скратено работно време оти немам сила за осумчасовна работа. Како мајка не можам да им се посветам на децата онака како што треба оти постојано имам здравствени проблеми, еве сега тукушто ја испив терапијата“, рече Веапоска по денешното судење.
Судијата Јодран Јованов, кој го побара супервештачењето, е трет судија што го добива нејзиниот случај откога претхдните двајца се пензионираа. Следното рочиште е закажано за 3 јуни кога Вепоска очекува да биде готово и супервештачењето.
За извадените органи по породувањето со царски рез на Веапоска, обвинети за несовесно лекување се гинекологот Мухамед Асани, кој во 2020, кога беше направено породувањето, беше директор на болницата, син му Блертон Асани и докторката Лилјана Јовановска.