Македонија
Утре променливо облачно, претпладне со повремен слаб снег
Утре претпладне ќе биде променливо облачно со повремен слаб снег, а во текот на денот облачноста ќе се намалува. На повеќе места ќе дува засилен, повремено силен северен ветер (над 60 км/час).
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 3, а максималната ќе достигне од 1 до 8 степени.
Во Скопје претпладне ќе биде променливо облачно со повремен слаб снег, во текот на денот облачноста ќе се намалува. Ќе дува засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
В недела и в понеделник ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а нов влажен бран со врнежи од дожд и снег се очекува во вторник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митрески – Ларсон Џеин: Одличните политички односи и пријателство ќе ги зајакнеме и преку сојузништвото во НАТО
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.
Амбасадорката упати голема благодарност за подршката за членството на Шведска во НАТО имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија беше меѓу првите парламенти на земјите членки на алијансата, кое уште летото 2022 година со огромно мнозинтво го ратификува протоколот за пристап на Шведска и Финска во алијансата.
Двајцата соговорници се согласија дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, членството на Шведска ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност.
Од своја страна, Митрески изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, особено од интензивната соработка меѓу пратениците на двата законодавни дома во изминатиот период во рамките на меѓупарламентарната соработка за демократски развој. Тој искажа и уверување дека одличните политички односи и пријателство ќе бидат дополнително зајакнати и преку созујзништвото во НАТО.
Митрески се осврна и на престојните претседателски и парламентарни избори и го сподели своето верување дека и во идниот состав македонското Собрание ќе продолжи со блиската меѓупарламентарна соработка и меѓусебната подршка на меѓународен план, особено во контекст на нашиот евроинтеграциски пат.
Амбасадорката Ларсон Џеин нагласи дека Шведска ќе продолжи да дава активен и континуиран придонес кон демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку многубројни развојни проекти, а особено кон нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Ковачевски за Европскиот фронт: Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе коалирате постизборно е одлука на политичките партии
Добро е што на претстојните избори ќе има најмалку две коалиции што се залагаат за брза интеграција на земјата во Европската Унија, рече денес лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. На новинарско прашање зошто СДСМ не е дел од Европскиот фронт, кој го најавуваше и повикуваше на поддршка, Ковачевски одговори дека партиите одлучуваат за коалиции и пред, но и по избори.
„Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе имате постизборна коалиција или нема да имате тоа е сепак одлука на политичките партии, политичките органи“, рече Ковачевски.
Според него, СДСМ веќе има коалиција и е партија што направила најмногу за европскиот пат на земјата.
„Партијата што ги направи најголемите резултати во делот на европските интеграции и интегрирањето во НАТО, а тоа е СДСМ, исто така имаме коалиција што се залага за европски и евро-атлантски интеграции. Ние таа коалиција веќе ја имаме официјализирано. Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски веќе доби поддршка од најголемиот дел од тие политички партии и добро е што во државата ќе има најмалку два блока, две коалиции што се залагаат за брза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и што ќе извојуваат победа, со што Северна Македонија непречено ќе го продолжи својот пат во европските интеграции“, рече Ковачевски.
Договор за заеднички настап на изборите потпишаа денеска претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и претседателот на Народното движење, Скендер Реџепи.
Македонија
Потпишани барања за екстрадиции на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани
Министерот за правда Кренар Лога ги потпиша барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани.
Барањата, откога ќе бидат преведени, како што појаснуваат од Министерството за правда, ќе бидат проследени до МНР на натамошно постапување до Обединетите Арапски Емирати.
МВР распиша меѓународна потерница по Шеваљ Муареми, која беше објавена и на веб-страницата на Министерството, а за кој постојат сомненија дека бил дел од меѓународна организирана криминална група осомничена за повеќе кривични дела.
Кривични пријави во јануари годинава беа поднесени против 16 лица што се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства.
Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, што ја предводел Муареми од село Грчец.