Македонија
Утре сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне, претежно во источните делови, ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 29 до 34 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло, попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 33 степени.
Во следните денови ќе продолжи сончево и натпросечно топло време. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв од ветинг
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вчеравечер од Кочани одговори зошто не е доцна во државата да се спроведе ветинг.
„2016 јас бев дел од тие кандидати за пратеници тогаш тоа го ветувавме. Добивме инструкција од Брисел дека заради негативните искуства во соседна Албанија, каде многу малку судии и обвинители го поминале тој тест, ветинг е проверка на имотната состојба, преведено на народски, дали си живеел во мандатот само од плата или си крадел и од други места. Значи, дали си чесен. Ги послушавме и дојдовме до 2% доверба во правосудството“, рече Пендаровски.
Во оваа насока тој истакна дека не само оваа политичка структура, туку дека после изборите сите треба да се заложат да се спроведе ветинг на судиите и на обвинителите, но и на политичарите.
„Значи не можеме ние целата вина да ја ставаме на судии и обвинителите, а самите да се амнестираме од тоа. Прво да се тргне од претседателот, од премиерот, од неговите роднини, пријатели, колеги, блиски, подалечни роднини, да не случајно си префрлил имот на друго име, само така ќе знаеме кој е човек со образ, кој суди по Устав и по закон. Сè друго е лажење на народот“, подвлече Пендаровски.
Потребно е да го спроведеме ветингот, за како што рече тој, граѓаните да не се сомневаат дали судиите и обвинителите работат согласно со законите или како што ќе им наложи некој друг.
„Да нема генерална перцепција во народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари украдени на наплатна рампа одиш во затвор, а за милијарди украдени си живееш лагодно по не знам кој светски даночен рај. За да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг или проверка на имотот на секој од нас и не само последните пет години. Ајде да тераме од 1990. Зошто да не? Јас немам од што да се плашам. Меѓутоа, знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв“, заклучи Пендаровски.
Македонија
ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и Скопје 2014, велат од СДСМ
Ништо не е променето во ДПМНЕ, оценуваат од владејачката СДСМ.
„На митинзите на ДПМНЕ и Силјановска е истата кореографија од времето кога се носеа Хунзи и кога им се правеше пречек на скопскиот аеродром, а граѓаните Македонци се претставуваа како нивни големи наследници.
Тоа е истото време на грабежот од Скопје 2014 и историскиот инженеринг на ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ.
Според нив, ДПМНЕ е истата режимска партија.
Со ДПМНЕ, како што велат, е можно само враќање назад во изолација и режим, во темното минато на недемократските процеси и далеку од ЕУ.
Македонија
Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање на национално единство, и запирање на сите напади кон Левица и ЗНАМ, државата е одземена од народот
„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди иако неуспешни имало“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот митинг во Охрид.
Тој нотираше дека сака да успее во тоа, да создаде македонско национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа и е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ“, рече Мицкоскит.
ПИстакна дека Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа, тој процес да започне токму сега.
„Ќе има во иднина моменти кога националното единство ќе е неопходно, исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова, е земја на сите граѓани кои живеат во нејзе и сите ние граѓаните од различни етнички заедници сме нераскинлив дел и столб на оваа држава и на нејзината иднина“, заклучи тој.
Неговата порака е дека нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите, затоа што само така заедно сложни со силата и капацитетот на сите, сме иднината на ова земја, порача Мицкоски.