Македонија
ФЗО договарал соработка за ампули парацетамол без да ја утврди потребата и да ги консултира лекарите
Еден ден откако „Макфакс“ објави дека Фондот за здравствено осигурување ги обврзува матичните лекари да намалуваат температура со парацетамол од една веледрогерија, од институцијата одговорија делумно на прашањата. Од ФЗО тврдат дека постојната објавена листа на задолжителна ампуларна терапија е важечка и нема никакви измени. Тие испратиле и линк до договорите кои Фондот ги склучува со приватните задравствени установи, иако тоа не го баравме.
Од Фондот велат дека документот што го објави „Макфакс“, а на кој се потпишани двајцата директори на ФЗО, е деловна преписка меѓу Фондот и една фирма и е првичен одговор кој е доставен само до подносителот. Тоа значи дека ФЗО се договорал со подносителот без претходно да ги консултира еснафските здруженија. Информациите на „Макфакс“ говорат дека, сепак, до матичните лекари стигнувале меилови, со кои им е испратен ваков допис.
Но, од ФЗО не одговорија на прашањата зошто токму таа доза парацетамол (1000 mg/6,7 ml.) е наведена како задолжителна и врз основа на кои медицински сознанија, анализи, односно медицина базирана на докази, е утврдена потребата од дополнување на ампуларната терапија и тоа токму во горепропишаната дозна јачина.
Овие ампули во пропишаната доза од Фондот, во Македонија го увезува само веледрогеријата „Марти-Алко ДОО“ под името „апотел“. Производител на оваа ампула е грчка фирма, а во едно пакување има 3 ампули. Oд веледрогеријата вчера не беа достапни за коментар.
Лилија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружение на приватни лекари на РМ, за „Макфакс“ изјави дека овој лек се пушта венски во инфузија и е хепапатотоксичен и нефротоксичен. „Чудно е што прво меилот го добивме од фармацевтската компанија“, вели Чолакова. Таа додаде дека во ниедна медицина базирана на докази не пишува дека матичниот лекар треба да пушта антипиретици за намалување температура. Вели, важно е да се рехидрира телото, да се тушира, да се пијат течности, можеби со аналгин, а последна опција е ваков антипиретик. „Никогаш не препорачуваме веднаш да се вклучи лекот. Ампулите не се бонбони“, раскажува Чолакова Дервишова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите, извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец’, со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите наводно го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело, и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите кои гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголема е излезноста во Новаци – 42,87, а најмала во Врапчиште 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Останатите се во обработка.