Македонија
Филиповска-Грашкоска: Намален бројот на издадени решенија за изолација и на затворени угостителски објекти
Во периодот од 28 декември 2020 година до 3 јануари 2021 година од страна на седумте инспекциските служби се спроведени вкупно 5.718 надзори и контроли по основ на почитување на здравствените протоколи и материјалните закони.
Податоците покажуваат дека во овој период, во споредба со претходните надзори, 20 отсто е намален бројот на издадени решенија за изолација на лица заболени од коронавирус и на лица што биле во контакт со заболени лица.
Исто така, во делот на контролите што ги спроведува Државниот пазарен инспекторат регистрирано е намалување на бројот на затворени објекти, информира на прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Во споредба со периодот од 21 до 27 декември, кога беа затворени 13 угостителски објекти, бројот на затворени угостителски објекти е намален повеќе од 60 отсто.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат во периодот од 28 декември до 3 јануари изврши 74 надзори врз основа на кои изрече 6 решенија. Притоа овој Инспекторат во посочениот период издаде вкупно 4.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица што биле во контакт со заболени лица од Ковид-19. Анализирајќи ги бројките на издадени решенија за самоизолација, сè уште продолжува трендот на намалување, односно во однос на периодот од 20 до 27 декември (кога беа издадени 6.576 решенија), во текот на минатата недела се издадени 20 отсто помалку решенија за самоизолација.
Во истиот период инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршија 4.652 контроли и 278 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти што послужуваат храна, Законот за заштита на потрошувачите; Законот за трговијата; Законот за нерегистрираната дејност; Законот за угостителската дејност; Законот за градежните материјали; Законот за занаетчиската дејност; Законот за енергетиката; Законот за метрологијата; Законот за безбедност на производите; Законот за заштита од пушењето.
При спроведените надзори изречени се 35 прекршочни пријави и 24 решенија за констатираните неправилности, како и 16 прекршочни платни налози. Од вкупниот број решенија, 5 се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти, и тоа за 2 угостителски објекта во Битола и Тетово и за 1 угостителски објект во Струмица во кои не се почитувале работното време и ограничувањето за 4 лица на една маса. Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење дејност, односно тие се затворени за работа на самото место, а дополнително изречени им се и соодветни прекршочни платни налози. Во споредба со периодот од 21 до 27 декември (кога беа затворени 13 угостителски објекти), бројот на затворени угостителски објекти е намален повеќе од 60 отсто. За време на новогодишната ноќ, Државниот пазарен инспекторат во соработка со МВР спроведоа голем број заеднички контроли во угостителските објекти, но како што и веќе напоменав, беа констатирани мал број прекршувања, односно беа затворени 2 угостителски објекта (Струмица и Битола).
Во истиот период Инспекторат за транспорт изврши 29 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се: 1 прекршочна пријава и 1 прекршочен платен налог. Во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести, минатата недела не се констатирани прекршувања, односно непочитување на протоколите за превоз на патници.
Државниот инспекторат за труд во изминатите 7 дена изврши 440 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. Притоа Инспекторатот изрече 17 решенија и 1 прекршочен платен налог. Во овој период од страна на трудовите инспектори не се констатирани неправилности во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за превентивни мерки за сите работни места.
Агенцијата за лекови и медицински помагала МАЛМЕД во истиот период спроведе 11 надзори во аптеки и веледрогерии по основ почитување на мерките на Владата, односно за формирани цени на заштитни средства против коронавирусот, при што не се констатирани неправилности.
Агенцијата за храна и ветеринарство изврши 207 надзори, при што издадени се 5 решенија, 14 едукации и 1 ППН по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи и неправилно складирање, чување и означување производи.
Државниот инспекторат за животна средина во текот на минатата недела изврши вкупно 27 надзори. Притоа, за констатираните неправилности од областа на животната средина инспекторите донесоа 2 решенија со задолжувања за подобрување на работата на правните субјекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.