Македонија
Филипче: Од Јапонија пристигна лекот „Авиган“ за 100 пациенти со Ковид-19
Преку итна неповратна помош, Јапонија го обезбеди лекот Фавипиравир -„Авиган“ за земји погодени од Ковид-19, во партнерство со УНОПС, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации. И Северна Македонија од Јапонија доби „Авиган“ за пациенти со Ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
„Добивме „Авиган“ за 100 пациенти. Станува збор за антивирусна терапија, којашто во Јапонија се користи за третман на инфлуенцата од 2014 година. Во тек се бројни клинички студии за пациенти со Ковид-19 и од искуствата во апликацијата веќе има добри резултати, не само во Јапонија, туку и во повеќе земји во светот“, информираше Филипче.
Тој појасни дека ова е лек кој што се користи „off-label“, значи за да биде дефинитивно потврден дека се користи за овие пациенти, односно за болест предизвикана од коронавирусот потребно е да завршат клиничките студии.
„Но со оглед што има сличен механизам на дејство како и за другите вируси, очигледно дека има добри резултати кај пациентите во многу земји во светот. Се препишува по строга индикација, после бројни анализи пред сè на крвта, коишто го детектираат имунитетот на пациентот, а коишто се прават и во нашите болнички установи“, информираше министерот Филипче.
Во моментот Јапонија спроведува мултицентрична клиничкa студија во повеќе земји од светот во која се испитува ефикасноста на „Авиган“ во третманот на пациентите со Ковид-19. Од Министерството за здравство велат дека охрабрувачки се фактите дека генеричките форми на овој лек веќе се одобрени во Русија и Индија за лекување на Ковид -19 и овие генерички форми се применуваат за третман на Ковид-19 и во други земји.
Сепак, велат од МЗ, треба да се има предвид дека примената на „Авиган“ во лекување на пациентите со Ковид -19 е сè уште неодобрена индикација, впрочем како и сите други антивирусни терапии кои се применуваат во борбата со овој вирус и треба да се препишува и аплицира под внимателен медицински надзор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.