Македонија
Филипче ќе се вакцинира во некоја од следните тури, втората пратка од Србија најавена за идната недела
Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека преостанатата количина на 4.000 дози од Србија треба да пристигне следната недела. Информацијата следува по вчерашниот разговор на министерот со претставници на компанијата „Фајзер“.
Присуствувајќи на почетокот на процесот на вакцинација во земјата, Филипче истакна дека сите пријавени 4.000 здравствени работници за првиот бран на вакцинација, кои работат со ковид-пациенти, ќе бидат вакцинирани.
Министерот образложи дека ќе се вакцинира во некоја од следните тури на вакцини, со цел да им покаже на граѓаните дека тоа е тоа што треба да го направат.
„Не сакам да им земам место од овие сега првични дози, кои навистина се изброени, на колегите што директно работат со пациентите, сигурно ќе се вакцинирам во некоја од следните тури на вакцините што ќе дојдат со цел да им покажам на граѓаните дека тоа е тоа што и тие треба да го направат“, изјави Филипче.
Додаде дека е многу важно граѓаните да се свесни оти вакцините се безбедни, без разлика од кој производител доаѓаат, дека се развиени на безбедни платформи и ова е единствениот начин да ја смениме сликата на пандемијата, и не само ние, туку сите земји во светот.
„Системот добро функционира. Се почнува со земање анамнестички податоци, краток преглед, административната работа, внесување на податоците за веќе закажаниот термин и закажување на следниот термин за ревакцинацијата по три недели и тоа интензивно се спремаше во овие изминати денови. Тука е поставена целата инфраструктура, дел од вакцините се чува и во овие фрижидери во модуларната болница. Може да седат до 5 дена на температура од 2 до 8 степени по што се раствораат и во рок од 5 часа мора да се аплицираат на тие што ја примаат. Ова е еден систем што исто така беше дел од тренингот. Посакувам успешна имунизација, направивме организација – еднаш кога ќе почне имунизацијата, да не запре. Ги очекуваме и следните количини според најавите и верувам дека во следните месеци ќе имаме навистина успешен процес на вакцинација“, информира Филипче.
Претходно денеска, со вакцините на „Фајзер“ први се вакцинираа двајца здравствени работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Станува збор за главната сестра Габриела Темелковска и примариус д-р Добринка Наунова-Јовановска – специјалист за невроинфекции од Инфективната клиника. Со денешното нивно вакцинирање практично почна имунизацијата против коронавирусот во земјата.
Филипче потенцира дека главната сестра Темелковска и докторката Наунова-Јовановска се дел од персоналот на Инфекивната клиника, кои во изминатата година деноноќно работеа и се бореа за спасување на секој човечки живот.
„Докторката Добринка и главната сестра Габриела се првите што ја примија вакцината на ‘Фајзер’. Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на Инфективната клиника, а следуваат и вработените во сите ковид-центри, најпрвин во Скопје: ГОБ ‘8 Септември’, Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, интерните клиники – сите што работеле и сѐ уште работат со ковид-пациенти. Понатаму, за време на викендот и болниците во државата, како и приватните болници“, истакна Филипче.
За денешниот ден предвидено е да се вакцинираат 260 здравствени работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и Бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.