Македонија
Финансиите за изградбата на магистралните гасоводи денеска на владина седница
Информацијата за динамиката и финансиските средства за реализација на проектите за изградба на магистрални гасоводи, делница Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, ќе биде презентирана на денешната 150. владина седница, информираат од владината прес-служба.
На оваа седница Владата ќе биде запознаена и со информацијата за изготвување закон за донирање на вишокот храна.
Од информациите за кои денеска Владата на РСМ ќе донесе мислење е и информацијата за работата на меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, како и информацијата за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на измена и дополна на проектот за инфраструктура за изградба на железничка пруга Куманово – Бељаковце, општина Куманово, со предлог-одлука.
Редовната, 150. седницата на Владата на Република Северна Македонија, со преостанатите многубројни точки на дневниот ред, е предвидено да почне денеска во 12 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.