Македонија
Фрчат казни за адвокати во кривичниот суд, тројца казнети со 1000 евра
Поради неприсуство на тројца адвокати, Судот го одложи денешното рочиште за предметот на специјалното јавно обвинителство со кодно име „Топлик“. Судијата Осман Шабани парично ги казни со по 1 000 евра адвокатите на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески, Еленко Миланов и Сања Алексиќ, и штипскиот адвокат Дончо Наков, со образложение дека иако биле уредно повикани за денешната главна расправа не се појавиле на судењето. Адвокатите со писмени поднесоци испратени на 19 септември го известиле Судот дека поради судењето за настаните од 27 април нема да можат да присуствуват на рочиштето за „Топлик“.
Обвинетиот Јанакиески замоли да не се одржи судењето бидејќи, како што рече тој, лично сака процесот да заврши што побрзо бидејќи е уверен оти предметот е чист, а не може да ангажира други адвокати среде процесот бидејќи постапката е во подмината фаза.
„Не бегам. Сакам што поскоро да се соочам со сведоците“, рече Јанакиески.
Судијата Огнен Ставрев на присутните на судењето на „Топлик“ им рече дека во Македонија има над 1 000 адвокати и само 9 судии во одделот за судење предмети од областа на организиран криминал и корупција и дека треба присутните да го почитуваат времето и распоредот на сите странки во постапката, но и времето на Судот.
За предметот се закажани се 6 рочишта во октомври и ноември. На денешното рочиште со полиција беа донесени тројцата сведоци Емилија Путилин, Малинка Матевска и Василка Поп Ѓорѓиева, кои не се појавија на минатото рочиште.
Утрово беше одложено и судењето за предметот „Насилство во Центар“ во кое Јанакиески, исто така, е обвинет. Тој претходно испратил известување – претставка до Судот дека нема да присуствува на рочиштето.
Првообвинет во предметот „Топлик“ е ексминистерот Јанакиески. Во случајот обвинети се и Томе Ѓурчилов и Димитар Димовски, како и уште четири други лица, членови на Комисијата за јавни наддавањa при Министерството за транспорт и врски како соизвршители. Според обвинението на СЈО, тие ја злоупотребиле службената положба и овластувањето и го оштетиле буџетот за приближно 1 милион евра при продажба на земјиште за месноста Сончев Град во Сопиште.
СЈО тврди дека, иако надлежната комисија во Министерството укажала дека не може да се продава земјиштетото за Сончев Град, Јанакиески експресно формирал нова комисија, која дозволила да биде објавен огласот за продажба. Бил склучен и купопродажен договор со фирмата „Сан сити“ во 2007 година, кoj четири години подоцна спогодбено е раскинат. Во овој случај Апелациониот суд одлучи доказ да бидат и 11 бомби на специјалното јавно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.