Македонија
Хелсиншкиот комитет реагира за пресудата за Здравко Савески и Владимир Куновски поради шарената револуција
Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува незадоволство и разочарување од пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која е изречена условна осуда од 6 месеци затвор за обвинетите Здравко Савески и Владимир Куновски, кои воедно се задолжени солидарно да платат износ од половина милион денари за материјалната штета предизвикана од кршењето на претседателската канцеларија за време на протестите на шарената револуција.
Се работи за настан од 12 април 2016 година, кога тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов објави општа аболиција на 56 лица, со која најмногу беа опфатени политичари од тогашната власт засегнати од истрагите на СЈО и неколкумина политичари од тогашната опозиција. Оваа одлука на претседателот беше дочекана со жестока реакција од граѓаните, кои истиот ден спонтано го изразија својот револт, собирајќи се пред неговата канцеларија во центарот на градот.
„Репресивниот полициски апарат на тогашната власт веднаш ја покажа својата жестокост, но и селективност во справувањето со демонстрантите. Од целата толпа – шест лица беа приведени и ставени во куќен притвор, а обвинителството брзо спреми обвинителни акти за водење судски кривичен прогон. Од една страна, казнувањето и справувањето со високиот криминал на функционерите оди бавно, доведувајќи до застареност на кривичното гонење за дела кои вклучуваат милионски суми проневерени буџетски средства, политичка репресија или незаконито следење на граѓаните. Од друга страна, за граѓани што се одважија и се спротивставија на криминалната аболиција, судските постапки траат шест години и се изрекуваат драконски казни за нивниот активизам“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Се додава дека со оваа пресуда судовите фактички испраќаат порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, криминалот и неправдата, затоа што во спротивно ќе се соочат со кривичен прогон во кој повисоката цел – демократијата и владеењето на правото, треба да отстапи пред политичката репресија и формализмот на правната држава.
„Сметаме дека е поразително тоа што судовите целосно го игнорираат контекстот во кој се случило делото, односно дека ги занемаруваат причините за граѓанскиот револт во критичниот ден – срамната аболиција која беше кулминација на режимското владеење, заробувањето на институциите и погазувањето на правната држава. Правото мора да ѝ служи на правдата“, се додава во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: СВР Охрид треба да биде во поголем објект, на соодветна локација, што ќе овозможи поефикасно работење
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Охрид, Езерската и Сообраќајната полиција како и Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Свети Наум каде одржа работни состаноци со раководствата на овие организациски единици.
СВР Охрид покрива 7 општини и во првото тромесечие од 2024 година се забележува стабилна безбедносна состојба со намалување од 13.5% на бројот на кривични дела во однос на првото тромесечиче во 2023 година на подрачјето кое го покрива.
„Во делот на спроведувањето на изборите кои ни претстојат, СВР Охрид има изготвено план и е спремен за справување со безбедносните предизвици кои ги носат изборите. Од аспект на човечки ресурси, пополнетоста е на незадоволителни 52%. Имајќи го предвид фактот дека Охрид е популарна туристичка дестинација во летниот период, има потреба од дополнителн број на полициски службеници и проширување на капацитетите, особено на полициската канцеларија во Пештани. Исто така, треба да се размислува за дислоцирање на СВР Охрид во поголем објект кој ќе биде на соодветна локација која ќе овозможи поефикасно работење“, потенцираше министерот Тошковски.
Што се однесува до Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро министерот Тошковски беше информиран дека ја покриваат сината граница во должина од 23.4 километри и постапуваат во делот на илегална миграција, прекуграничен криминал по воден пат на охридското езеро, контрола на внатрешната пловидба како и санкционирање на незаконит риболов. Во тој контекст се соочуваат со недостиг на обучени полициски службеници со соодветни дозволи за управување на пловни објекти, како и немање на договор со економски оператор за сервисирање на пловните објекти.
„Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Свети Наум покрај тековните активности во летниот период врши проверки и на езерскиот сообраќај преку отворање на привремен граничен премин за туристички посети. Се соочуваат со недостаток на човечки ресурси, а ја истакнаа и потребата од подобра едукација и обука на кадрите кои се распоредуваат во организациските единици кои се дел од граничната полиција“, подвлече Тошковски.
Македонија
Ковачки: Во Македонија владее една структура што е на заминување меѓутоа е под директно влијание на Мала Речица
Во изминатиот период во изминатите неколку дена имав можност да посетам многу населени места, градови села се сретнав со многу луѓе со земјоделци со образовни работници со лекари со воени лица со полицајци и секаде каде што одев преовладуваше една иста мисла. Време е за промени време е Македонија да престане да губи време Македонија да почне да победува- кажа Драган Ковачки член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ3 од митингот во Ранковце.
„Време е Македонија да ја вратиме во рацете на граѓаните, затоа што Македонија ни е одземена, ни е украдена и затоа што Македонија ни е понижена. Во Македонија владее една структура што е на заминување меѓутоа е под директно влијание на Мала Речица. Значи луѓе со 13 пратеници во изминатиот период успеаја да ја девастираат Македонија. Да го уништат системот да ги уништат институциите“, кажа Ковачки и додаде:
Здравството не функционира, земјоделците ни велат немаме загарантирана откупна цена, немаме вода за да си ги наводнуваме нашите ниви, немаме откупни центри епа затоа владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува дека ќе вложи 800 милиони евра само за земјоделците. Ќе ги реновираме сите водоводни канали. Ќе воведеме откупна загарантирана цена и ќе отвориме нови откупни центри.
Тој рече и дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма ветува 5 000 денари покачување на пензиите за сите. Ветуваме проширување на позитивната листа на лекови. 250 милиони евра директна помош за Општините.
„ВМРО-ДПМНЕ ветува реализација на следните проекти: Изградба на делницата од Страцич (Чатал) до Длабочица како дел од експресниот пат А2, од Ранковце до Крива Паланка од патниот коридор 8 до Република Бугарија. Ќе се работи на изградба на канализациона мрежа за Опила, изградба на патен правец с. Петралица до село Баратлија, изградба на општински пат Радибуп до Средна маала, како и повеќе други проекти кои заедно со Општината Ранковце ќе ги реализираме“, нагласи Ковачки и додаде:
За сето тоа потребна ни е поддршка, масовната излезеност за пет дена од сега ни е многу важна. Поддршка на 24-ти април за г-ѓата Гордана Силјановска Давкова. Потоа на 8-ми мај да славиме голема и убедлива победа, да си ја вратиме Македонија.
Македонија
(Видео) Милошоски: Владата од ВМРО-ДПМНЕ ќе додели поголем број на средства за Радовиш, реконструкција на стоковната куќа и инфраструктурата ќе бидат во првите приоритети
„Би сакал да изразам благодарност за поканата од страна на градоначалникот и соработниците на Општина Радовиш. Од она што може да се забележи општина Радовиш во моментов има два крупни проблеми, првиот е еден мал скромен буџет, а вториот проблем е што самата централна власт на општината и прави опструкции со политички намери“, рече Антонијо Милошоски, кандидат за пратеник во изборна единица 4.
„Со промената на власта овие два проблеми за Радовиш ќе бидат надминати, затоа што новата влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да додели за секоја општина поголем број на средства секоја година и за тие средства да бидат искористени за корист на општината и граѓаните.
Реконструкцијата на стоковната куќа и нејзината пренамена во објект кој ќе го користат граѓаните и ќе биде од јавен интерес е еден од првите проекти на кој сакаме да дадеме поддршка на општина Радовиш.
Исто така би сакале да дадеме поддршка за сите оние околни населени места во општина Радовиш за да може инфраструктурата во тие места да биде поддржана и со средства од централната власт.
За да може тоа да се случи ние би сакале да има што поголема излезеност. За да се случат промените нас ни треба тоа да го направиме заеднички со сите граѓани без разлика на нивната политичка, национална или социјална припадност и мислам дека во овој случај победникот се насетува кој ќе биде. Нам ни треба разликата да биде поголема по број на пратеници за да можеме како влада да не зависиме и да не бидеме уценувани од други политички субјекти и да ја постигнеме нашата политичка цел, формирање на влада во која нема да учествува ДУИ.
Сметаме дека оваа партија досега не направи добри работи, напротив, стана еден фактор на висока корупција и криминал и ВМРО-ДПМНЕ има намера во новата влада да не вклучува вакви субјекти за да можеме реформите и на државата и помошта на општините да ги спроведуваме на поефикасен начин“, соопшти Антонијо Милошоски, кандидат за пратеник во изборна единица 4.