Македонија
ХОПС: Дисперзијата на програмите за лекување зависности најдобро ќе одговори на потребите на клиентите
Здружението „ХОПС – Опции за здрав живот“ – Скопје ја поздравува одлуката на Министерството за здравство за почеток на дисперзија на програмите за лекување зависност, односно децентрализација на третманот на повеќе локации во Скопје.
„Базирано на нашето 20-годишно искуство и добрите примери од други земји, долго време препорачувавме дека дисперзија на лекувањето во секоја скопска општина најдобро ќе одговори на потребите на клиентите. Повторуваме дека пристапот до лекување зависности блиску до местото на живеење е право, а не привилегија, исто како и за секоја друга здравствена состојба. Очекуваме дека најавената дисперзија ќе придонесе кон промена на сликата која често се асоцира со програмите за лекување зависности, во кои се концентрирани неколкукратно повеќе пациенти од капацитетот на програмата. Намалување на бројот на пациенти на една локација ќе го подобри квалитетот на лекувањето, што е во интерес и за самите пациенти и за граѓаните“, велат од Здружението.
Од таму упатија апел до надлежните да вложат напори за обезбедување технички и кадровски капацитети за унапредување на психосоцијалната компонента од лекувањето, која треба да стане неразделна од фармаколошкиот третман со супституциска терапија, а со цел успешна рехабилитација и ресоцијализација на луѓето што се лекуваат од болести на зависност.
„Се надеваме дека дисперзијата ќе биде направена во согласност со реалните потреби на пациентите и ќе бидат разгледани опции за овозможување третман на зависности на дополнителни локации што не се предвидени сега, според потребите. Очекуваме процесот да биде транспарентен, со вклученост на пациентите, здруженијата на граѓани што работат на оваа проблематика и другите засегнати страни“, велат од ХОПС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојчевски: Родена е третата политичка сила во македонскиот политички блок
Даниел Стојчевски, носителот на листата на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија во ИЕ 2 истакна дека е родена третата политичка сила во македонскиот политички блок.
„Граѓаните испратија јасна порака. Изборното востание со својата незапирлива позитивна енергија се шири низ цела Македонија. На граѓаните им е доста од неказнета корупција,неправда,сиромаштија,лажни ветувања и криминална власт. Ние од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија,искрено и чесно сме посветени на идејата нашата татковина да ја иградиме како просперитена држава во која обединето живеат среќни граѓани ,и никогаш нема да дозволиме граѓаните да бидат поделени по политичка, етничка или верска припадност“, истакна Стојчевски.
Се заблагодари на подршката на граѓаните и гласот кој го дале за како што рече, просперитетна Македонија.
„Ви благодариме за довербата која ни ја давате, да стигнеме до нашата заедничка цел, да ја видиме Македонија таму каде што заслужува да биде“, посочи тој.
Македонија
Таравари по веста дека имал тајна средба со Ахмети: Тоа е лага, но навикнат сум на понудите на Ахмети и не би било изненадување доколку дојде до мене
Претседателскиот кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“, Арбен Таравари ја демантира веста дека вчера тајно се сретнал и добил понуда од претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети по резултатите од претседателските избори.
„Со жалење денеска од еден многу сериозен албански медиум дознав дека синоќа се сретнав со господинот Ахмети и други функционери на ДУИ, за да слушнам понуда од господинот Ахмети. Не, не е вистина“, пишува Таравари ан социјалните мрежи.
„Кој ја кажал оваа вест лаже“, додава тој во напишаното.
„Синоќа му честитав на мојот тим и мирно денес продолжуваме со нашата работа кон промена! Навикнат сум на понудите на Ахмети и мислам дека не би било изненадување доколку дојде до мене, но оваа вест е лажна“, потенцира Таравари.
Македонија
Тодоровска: Документите за историјата на македонската држава мора да се заштитат и чуваат соодветно зашто ние сме менливи и минливи, но Македонија мора да постои
Кандидатката за пратеник во ИЕ 1 во Собранието на Македонија на претстојните парламентарни избори, од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Катерина Тодоровска, одржа прес-конференција, на која се задржа на тоа зошто Движењето се определило во своите основни документи да ги стави Илинден и АСНОМ.
Таа рече дека современата македонска држава е формирана благодарение на вековната борба на македонскиот народ и останатите жители, за самостојна држава, каде би биле свои на своето. Тодоровска објасни дека во историјата постојат формално, пишано, и неформално, непишано, право, како што го толкуваат историчарите.
„Создавањето на државите, без исклучок, во историјата се одвивало врз основа на стекнато право коешто ние го третираме како непишаното право. Тоа значи дека еден народ може да се повика на историско право за создавање на нова и опстојување на новата држава само врз основа на два принципа. Првиот е принципот на континуитет, т.е. доколку некој народ во минатото имал сопствена држава со сите законски и правно регулирани перформанси. Вториот е принципот на крвта, т.е. колку крв е пролеана за таа територија, за тој народ“.
Тодоровска рече дека ние како Македонци не можеме да се повикуваме по првиот принцип, бидејќи сме немале некоја царска лоза помогната од странски династии како што е тоа случајот во создавањето на државите на нашите соседи, а што се однесува до вториот, принципот на крвта, Илинденското востание и АСНОМ се најголемите и најкрвави показатели за потребата на македонското население да биде самостојно и е подготвено да се жртвува за својот сон – своја држава. За тоа, како што рече таа, сведочи и фактот што ниту една од странските држави не се потрудила ниту да помогне, ниту да ја смири состојбата кога цели села во крушевско по Илинден, заедно со жителите биле пеплосувани. Тодоровска додае дека Крушевската република и нејзниот Манифест се одраз и израз на најдемократска политичка творба во почетокот на 20. век. Следната жртва на македонскиот народ се годините од народно-ослободителната војна 1941-1944 година, која била крунисана со АСНОМ и неговите одлуки. Благодарение на АСНОМ биле донесени шесте најважни документи за формирање на македонската државна единица, меѓу кои и Решението за прогласување на АСНОМ за Врховно Законодавно и Извршно Народно претставничко тело, како и Прогласот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ и до целото население кое живеело во македонската држава.
„Документите за историјата на македонската држава од 12 век наваму, а со тоа и најзначајните документи од Илинден и АСНОМ се чуваат во Државниот архив. За жал, таа бесценета документација денес е сместена во несоодветни услови, нешто што ќе бара итна реакција на новата власт за нејзино враќање во наменската зграда. Сите ние што знаеме дека историјата е учителка на животот, но и патоказ за иднината, знаеме и колкава е важноста на бесценетата документација која говори за македонското минато во креирањето на иднината на македонската драва.
Затоа како совесни чувари на македонското минато, ние имаме обврска да ги зачуваме, покрај другите, и документите од овие два грамадни историски столбови на македонската историја, Илинден и АСНОМ“, рече Тодоровска и додаде дека Програмата “Проглас за достоинствена Македонија” на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се залага за обезбедување на патот од минатото кон иднината, вложувајќи се максимум за Македонија, преку максимум заштита на историските корени и националните интереси на македонската драва. Запрашана зошто сега се покренува ова прашање кога со уставните измени при промената на името делумно се редефинираше прогласот од АСНОМ, кои се позициите и што се бара, Тодоровска одговори:
„Едно е да се редефинира, друго е историја. Иторијата не трпи редефинирање, не трпи туширање. Најмалку пак трпи произволност. Она што е многу битно сега е да си ја заштитиме нашата документација. Да ги заштитиме сите темелни документи коишто ги имаме. Доколку се отвора Уставот треба да се говори многу искрено и многу отворено за сите прашања и сите грешки коишто се направени. Она што досега нам, како на историчари, најмногу ни пречи е ставот на партиите коишто имаат едно чувство дека се непогрешливи. Непогрешливоста не постои, секој од нас може да згреши, но секој од нас треба да си ја признае грешката, да си ја исправи грешката и на крајот ние сме сите менливи и минливи, но Македонија мора да постои“, потенцира Тодоровска.