Македонија
Царината набави нови 12 возила вредни 300.000 евра
Директорот на Царинската управа на РСМ, Ѓоко Танаскоски, преку претходно објавен тендер за потребите на Управата набави нови 12 возила вредни 294.024 евра или 18 милиони, 82 илјади и 532 денара. Станува збор за најновиот модел на возилото „шкода октавија“ произведено оваа година. На тендерот за набавката биле доставени 2 понуди, од кои е избрана онаа на фирмата „Де лукс-ауто“ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово.
Во тендерот, кој вреди безмалку 20 милиони денари, набавено е и уште едно возило, исто така за потребите на Царинската управа, „шкода суберб“, вредно 31.176 евра или нешто над 1 милион и 900 илјади денари.
Во вкупната цена при набавката на двете возила од 20 милиони денари вклучени се и трошоците за царина, акцизи, трошоци за хомологација и редовно сервисирање во гарантен рок.
Царинската управа од почетокот на оваа година па досега, покрај автомобилите од 325 илјади евра, за јавни набавки дополнително има потрошено уште 834 илјади и 284 евра или севкупно за 4 месеци Царината потрошила 1 милион, 159 илјади и 484 евра пари на граѓаните.
Покрај автомобили, Царинската управа вршела јавни набавки и за храна за кучиња, средства за заштита од ектопаразити и еднопаразити, нега на кучиња и ветеринарен преглед на кучињата. Изработка на геодетски елаборати, одржување машинска хала и клима-уреди, ладни сендвичи, минерална вода, набавки на писмоносни услуги, лабораториски испитувања во надворешни лаборатории, осигурување недвижности, моторни возила и опрема, одржување систем за видеонадзор и препознавање регистарски таблички, масло за греење, одржување ИТ-опрема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – променливо облачно со сончеви периоди
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 13 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.