Македонија
Царовска: Македонија засилено работи на интеграција на Ромите
Македонија ја подобрува интеграцијата на ромската заедница, а во следниот период уште позасилено ќе работи на намалување на јазот меѓу Ромите и сите други заедници во земјата. Тоа се гледа и преку посебната ставка за Ромите во буџетот, со средства што се наменети за најважните четири ресори – образование, вработување, домување и здравство, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешната презентација на извештајот за спроведување на јавните политики за интеграција на Ромите во Република Македонија за 2017 година.
„Македонија е една од првите држави што пристапиле во регионалните процеси за планирање и преземање конкретни мерки за подготовка на стратегија за Ромите и национални акциски планови, но е и членка на иницијативата Интеграција на Ромите 2020. Оваа иницијатива има за цел да го подобри социо-економскиот статус и социјалната инклузија на Ромите, но и да ја зголеми соработката помеѓу владите и граѓанскиот сектор за решавање на ова прашање. Исто така се мобилизираат сите национални и меѓународни ресурси за остварување на приоритетите како што е ИПА-инструментот, координацијата на надворешната помош“, истакна министерката Царовска.
Од 2009 година до денес за проектите и целите поврзани со стратегијата на Ромите одвоени се вкупно околу 5,7 милиони евра, или по 630 илијади евра на годишно ниво.
Владата забрзано работи и на социјалната реформа со која се зголемува гарантираниот минимален приход за најранливите граѓани. Целта на оваа реформа е социјалните лица да се извлечат над линијата на сиромаштијата преку дообука, преквалификација и активирање на пазарот на трудот. Со оваа реформа се воведува и детски и образовен додаток кој освен примателите на гарантираниот минимален приход ќе може да го користат и домаќинствата со минимална плата.
Настанот беше организиран од Владата на Република Македонија и Рома интеграција 2020.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.