Македонија
Царовска на министерски состанок на УНЕСКО: Не дозволивме застој во образованието
Република Северна Македонија успешно се справува со пандемијата во делот на образованието и ќе спречи генерациска катастрофа, благодарение на фокусот кој беше и сè уште е ставен на забрзување на процесот на дигитализација на образованието. Не дозволивме образованието да има застој. Правото на образование е овозможено на сите, преку хибриден модел на едукација кој понуди во училиштата, зависно од ситуацијата на локално ниво, да се примени настава со физичко присуство или, пак, онлајн или друга форма на настава на далечина, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на панел-дискусијата на министерскиот состанок на високо ниво организиран од УНЕСКО, во рамките на Глобалната коалиција за образование.
„Успеавме во онлајн настава да вклучиме над 91% од вкупниот број на ученици. Помогнавме на околу 32.000 деца кои потекнуваат од 18.000 семејства во социјален ризик да бидат дел од таа онлајн настава, преку доделување ваучери за бесплатен интернет, а најголемиот дел од нив добија и ИТ-уреди со поддршка на локалните самоуправи и бизнис-заедницата. Наставата, пак, која се одвива во училиштата за учениците за кои имаме согласност од родителите и старателите дека сакаат да посетуваат настава со физичко присуство, се покажа како безбедна и училиштата не се трансмитери на заразата. Тоа го потврдува фактот дека, и на крајот од првото полугодие и сега во моментов помалку од 1% од наставниците и учениците во училиштата се заразени со вирусот. Ова значи дека планот и протоколите за организирање на наставата се добро обсмислени и најважно е што се почитуваат од сите засегнати страни“, укажа министерката Царовска во онлајн обраќањето.
Таа нагласи дека учебниците делумно се дигитализирани, бидејќи актуелниот закон е таков што го ограничува целосното дигитализирање, но тоа, со новата регулатива, наскоро ќе се смени. Со новиот закон, за кој во тек е јавна расправа, се предвидува сите учебници и наставни и дидактички материјали од кои децата ќе учат, да бидат достапни преку посебна и единствена електронска платформа.
„Пандемијата дури и нé мотивираше да се забрзаат одредени процеси, на кои во минатото им требаше повеќе внимание од страна на институциите на системот. Меѓу нив се и обуките на наставниците за онлајн настава и воопшто за работа во вакви услови со ученици, но и јакнењето на стручните психолошко-педагошки служби во секое училиште, за да се заштити менталното здравје на младите и од сето ова да излезат посилни и поподготвени за предизвиците што ги носи подоцнежниот период од животот“, укажа Царовска.
Потврдувајќи дека дигитализацијата на образованието е еден од врвните приоритети и на Владата, министерката рече дека тој процес постојано се надградува поради креирањето и појавата на иновациите.
„Свесни сме дека отсуството на инвестиции во овој процес, значи ризик да се заостане во развојот на човечкиот потенцијал и затоа, целта ни е да изградиме образование кое ќе биде флексибилно и лесно прилагодливо на секоја идна состојба која се појавила, а не сме можеле да ја предвидиме. Во оваа насока е и неодамна усвоената Концепција за основно образование, со која за првпат се воспоставуваат национални стандарди за компетенциите што треба да ги стекнат учениците за време на основното образование, меѓу кои се и компетенциите за дигитална писменост. Тоа се едни од клучните компетенции за доживотно учење опфатени во препораките на Советот на ЕУ и препораките кои произлегуваат од меѓународни студии со цел да го подобрат квалитетот на образованието во земјите членки“, рече министерката.
Предизвик останува опремувањето на училиштата, но и континуирано следење на глобалните стандарди во сферата на ИТ- технологијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување на билатерален Договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција Н.Е. Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција, со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на министерството за внатрешни работи, за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот, за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот Договор за соработка во областа на безбедноста кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори, ќе им биде презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Низ дружење со претставници и членови од мото клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење на електрични превозни средства“, велат од општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот Закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и Висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на Факултетот ќе бидат Клиничката болница Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид , Специјалната болница за нефрологија Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти кои ке станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на Медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места, да студираат во своето место. Значително ќе допринесе во создавањето на нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување на високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.