Македонија
Царовска на состанок со наставниците: Заеднички создаваме нов македонски модел за основно образование
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, учествуваше на онлајн-состанок со директори и наставници од основните училишта, на кој разговараа за новата концепција за основното образование, која треба да почне од идната учебна година.
Министерката на состанокот истакна дека ставот на наставниците и директорите е исклучително важен во овој процес, значаен за сите, а особено за учениците. Основната цел е сите заеднички да создадеме образование, кое е во најдобар интерес на децата, и затоа, освен учениците и родителите, во подготовката на концепцијата беа вклучени и самите наставници.
„Основното образование е базата на образованието и затоа промените ги почнуваме токму од овде. Новата концепција ќе значи повеќе време во училиште, помалку предмети, односно спојување повеќе предмети во еден, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици. За сето ова е потребна максимална посветеност на наставниците, кои преку креативен и инспиративен начин во наставата и со дополнителни активности по наставата, ќе го поттикнат полниот потенцијал кај секое дете“, рече Царовска.
Со реформите е предвидено учениците да поминуваат повеќе време во училиште, но не само за настава, туку и за други активности и курсеви, како што се дополнителен спорт, дополнителни часови по кодирање, дополнителен странски јазик и слично… Сето тоа треба да биде дел од училиштето и со тоа да им дадеме еднаква шанса на сите деца.
Искуствата за подготовка на новата концепција се црпат од десетина европски земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска. Клучни за промените се и резултатите од меѓународните тестирања, домашните анализи, како и ставовите на наставниците, родителите и учениците, кои даваат јасна слика и во која насока треба да го движиме нашето образование. Сепак, со новата концепција создаваме наш национален македонски образовен систем бидејќи образованието е нешто што треба да биде национален интерес и национална гордост.
На состанокот се обрати и директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи, а презентацијата на концепцијата ја водеа членовите на работната група – проф. д-р Виолета Петровска-Бешка од Институтот за психологија, и Митко Чешларов од БРО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.