Македонија
Царовска: Проблемите ги решаваме трајно преку низа темелни реформи
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска одржа прес конференција на која информираше за реализацијата на програмските цели во периодот јуни 2017-април 2018 година.
Набројувајќи ги остварувањата, Царовска посочи дека досега 4535 стечајци добиле позитивни решенија согласно so законот усвоен од оваа Влада, a oколу 90 илјади луѓе кои имале плата пониска од минималната сега земаат повисока плата. Рече дека Zаконот за минимална плата за првпат ги опфатил работниците од текстилната и кожарската индустрија, што има ефект и врз зголемувањето на просечната плата.
„Воведени се следните мерки за унапредување на правата на лица со попреченост: престана потребата од конзилијарно мислење и наод од најмалку 3 лекари за остварување на правото за паричен надоместок за помош и нега од друго лице; правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за мобилност, слепило и глувост се остваруваат без оглед на висината на приходите на лицето кое има потреба од истото; надоместокот за скратено работно време на родители на деца и лица со попреченост се остварува без оглед на возраста на лицето; правото на посебен додаток до 26 година по автоматизам преминува во право на помош и нега од друго лице; со законски измени се обезбеди скратеното работно време за родителите на деца со попреченост да продолжи и по 26 години“, рече Царовска.
Меѓу остварените проекти министерката посочи дека за првпат е усвоена програма за персонална асистенција на лица со попреченост, целосно финансирана од буџетот, обезбедени се средства за нови 138 вработувања во центрите за социјална работа, а формиран е специјализиран тим за постапување по итни предмети од ранливи категории.
Царовска го спомена и отворањето на три нови регионални преноќувалишта за бездомни лица во Битола ,Струга и Струмица, а се проширија капацитетите на веќе постоечкиот центар „Момин Поток” во Скопје.
„Трошењето на парите од посебниот фонд за вработување на инвалидни лица во АВРМ е транспарентно и јавно објавено. Лицата кои поради примени пари по брз трансфер го изгубиле правото на социјална помош може повторно да аплицираат. Во однос на капиталните инвестиции во социјална заштита, покрај започнатата изградба на современ Центар за аутизам во Скопје, само во текот на 2018 година ќе се отворат: два дневни центи во Куманово за лица со интелектуална попреченост; дневен центар за Даунов синдром во Скопје, кој е во финална фаза на изградба; дневен центар за церебрална парализа во Прилеп, кој ќе биде готов во јуни; ќе бидат обезбедени две станбени единици во Неготино и село Тимјаник, а ќе се прошири капацитетот на ошпштинскиот дом во Берово“, наброја Царовска.
Министерската ја образложи и нацрт-стратегијата за деинституционализација што вчера беше јавно презентирана, како и отворањето на голем број градинки, меѓу кои во Врапчиште, Старо Нагоричане, Зрновце, Прилеп, Чашка, Караслари -Велес, а привршуваат и процедурите за градинките во Маврово Ростуше, Прељубиште, Куманово и Кавадарци. Во текот на 2018 година ќе се изгради или адаптира соодветен простор за предучилишни установи и во Кривогаштани, Чешиново – Облешево, Чучер Сандево, Горобинци, Кравари-Битола, Марена-Кавадарци, Конче, Валандово, Пробиштип, но и во други места низ државата за коишто општините ќе подготват соодветни проекти.
„Обезбедени се 486 вработувања на неопределено време во детските градинки. Воведено двосменско работење на градинките. Самохраните родители со ниски примања ослободени од плаќање надоместок во градинки. Децата од семејства корисници на социјална помош ослободени од плаќање здравствена партиципација. Ратификувана е Истанбулската конвенција. Течат активностите за имплементација на обврските од Конвенцијата, подготовка на законски измени и воведување соодветни сервиси за заштита и превенција на родово базирано насилство (шелтер, кризни центри). Подготвен нов закон за заштита од дискриминација по европски терк“, беа дел од реализирањата за кои денеска говореше Мила Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.