Македонија
Царовска: Развиваме концепт за целосна промена на наставните материјали
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска присуствуваше на презентација на резултатите од студијата – „Однесувања поврзани со здравјето кај адолесцентите на училишна возраст во Северна Македонија“, изработена од Коалицијата „Маргини“.
На презентацијата се зборуваше како стереотипите и дискриминацијата во содржините на учебниците влијаат врз однесувањето на младите, но и во самите училишни средини, семејството и другарувањето со врсниците.
„Министерството за образование веќе развива концепт за целосна и суштинска промена на наставните и дидактичките материјали за основно и средно образование, кои поттикнуваат или ја засилуваат родовата нееднаквост и содржат стереотипи. Потребата од воведување целосно нов систем за изработка на наставни материјали е резултат на постојаните реакции од јавноста, но и самите наставници за квалитетот на учебниците, долгите постапки за нивно одобрување, како и честите повлекување учебници поради стереотипи, предрасуди, грешки и недоследности. Со воведувањето на целиот концепт од идната учебна година очекувам надминување на овие долгогодишни проблеми“, рече Царовска.
Резултатите од истражувањето нудат исклучително значајни информации, статистики и анализи за дефинирањето на родовите разлики и нееднаквости со мноштво фактори, ставови, однесувања, практики и здравјето на младите во државата. Но, со нивните релации со општеството, родителите и училиштето, со искуствата на врсничко, семејно и сексуално насилство, како и нивното ментално здравје.
Податоците користени во оваа публикација се добиени во 2018 година на национален примерок од 4.685 ученици, на возраст на 11, 13 и 15 години, со настава на три наставни јазици – македонски, албански и турски. Истражувањето е спроведено според стандардизиран истражувачки протокол во 149 основни и средни училишта, од сите региони во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.