Македонија
Царовска: Свети Николе добива современо стручно училиште
Со инвестиција од 25 милиони денари од Министерството за образование и наука Свети Николе ќе добие современо стручно училиште, но и многу подобри услови за сместување на учениците кои доаѓаат овде да го завршат своето средно образование. Ова го рече министерката за образование и наука Мила Царовска која денеска заедно со градоначалникот Сашо Велковски го посетија СОУ „Кочо Рацин“, каде што во тек е целосна реконструкција на училишната зграда и ученичкиот дом кој функционира во состав на истото.
„Со оваа капитална инвестиција покрај тоа што обезбедуваме одлични услови на учениците за одвивање на наставата, истовремено ги поттикнуваме да се запишуваат во средното стручно образование кое нуди можности за побрзо вработување. Стручните кадри се од суштинско значење за успешно функционирање и напредок на компаниите и за таа цел МОН продолжува во соработка со локалните самоуправи и стопанските комори да го јакне и унапредува стручното образование“ изјави министерката.
Царовска посочи дека освен воведување на квалитетни и современи наставни програми со кои го јакнеме средното стручно образование, изминатиот период забрзано се работи на подобрување на условите во училиштата, преку проширување изградба, реконструкција и опремување со современи кабинети и опрема на училишните згради.
Процесот на реконструкција на училиштето и ученичкиот дом е започнат кон крајот на април годинава и е предвидено да заврши во текот на октомври 2021 година.
Со реконструкцијата се опфатени обновување на електрична инсталација, внатрешно уредување на собите, тоалети, прозори, врати, подови, кров, канализација, водоинсталација и парно греење во домот, како и реконструкција на кровот и училниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.