Македонија
Царовска: Со социјалната реформа градиме поправедно општеството и ја намалуваме сиромаштијата
Јавна консултација за предлог-законот за социјална заштита, според кој ќе се спроведува социјалната реформа во Македонија, се одржа денеска на Филозофски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. На консултацијата зборуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Маја Геровска-Митев, експерти, претставници од невладините организации и локалните самоуправи.
Царовска истакна дека за да се постават темелите и да се унапреди социјалниот систем и паричните права, јавните консултации се од исклучително значење при носењето на овие пакет закони.
„Министерството за труд и социјална политика подготви темелна реформа на социјалниот систем и детската заштита со која се прави целосна преобразба на општеството. Со оваа реформа за 300 проценти ја зголемуваме социјалната помош, но и нудиме ефикасни и долгорочни решенија за извлекување од сиромаштијата преку активација на работоспособните на пазарот на труд. Воведуваме детски и образовен додаток- надоместок кој освен примателите на гарантираниот минимален приход ќе можат да го користат и домаќинствата со минимална плата“, рече министерката Царовска на јавната консултација.
Таа потенцираше дека со новиот Закон за социјална сигурност на старите лица, којшто е исто така дел од социјалната реформа, за првпат во Македонија се воведува и социјална пензија. На овој начин, како што рече, им се обезбедува достоинствен живот на ранлива група граѓани во трето доба, кои поради низа околости не успеале да го стекнат условот од 15 години работен стаж за да остварат право на пензија. Право на надоместокот ќе имаат лица на возраст над 65 години кои имаат помалку од 15 години работен стаж, се државјани на Македонија и немаат имот.
Предложениот пакет закони, кои се дел од социјалната реформа, се веќе објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Во моментот тече рокот за доставувањето на предлозите, забелешките и сугестии од сите засегнати и заинтересирани страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.