Македонија
ЦГК: Партизирани раководни структури во државните претпријатија
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето Право или политика: Изборот на членови на управните и надзорните одбори во државните претпријатија, кое е проследено со отворена база на податоци за членовите на управните и на надзорните одбори на 30 најголеми претпријатија во земјата. Дел од наодите од истражувањето се:
-Владата и единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите на раководните органи на претпријатијата што ги основаат. Тие, како основачи, не објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните кандидати.
-Од обемното истражување во кое беа вклучени и основачите и претпријатијата, не можеше да се утврди кој, врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на управните и на надзорните одбори. Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови.
-Како членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози па и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан итн.
-Само една третина од членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење имаат економско образование и поседуваат знаења и искуство од дејноста на финансиското и сметководственото работење.
-Со биографии на членовите на управните и на надзорните одбори на дел од државните претпријатија не располагаат ниту основачите, ниту самите претпријатија.
-Висината на надоместокот за членовите на одборите се движи од 800 денари по одржана седница, колку што се плаќа во Комуналец – Прилеп, до 27.000 денари месечно, за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија. Гледано на годишно ниво, најголеми вкупни трошоци за членовите на одборите има „Водовод и канализација – Скопје“, и тоа 2,2 милиони денари, односно околу 36 илјади евра.
Истражувањето е достапно на opendata.mk. За повеќе информации контактирајте го Центарот за граѓански комуникации. Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.