Македонија
Чавушоглу: Турција ќе ја поддржи Македонија на НАТО-самитот
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, во рамките на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара имаше одвоени средби со премиерот, Бинали Јилдирим, и со министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
На средбата со премиерот Јилдирим, Шекеринска се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка на Турција за членството на Македонија во алијансата и ја истакна важноста од одржувањето чести средби на раководствата на двете земји во зацврстувањето на соработката. Турскиот премиер потенцира дека поддршката на неговата земја за членството во НАТО на Република Македонија останува непроменета и силна.
Шекеринска и министерот за надворешни работи, Чавушоглу, заеднички констатираа дека Турција ги помага и поддржува аспирациите на Македонија за членство во НАТО и дека тоа е особено важно во следните клучни месеци. Притоа Шекеринска потенцира дека Македонија и нејзините граѓани ја ценат турската поддршка на патот кон алијансата од самиот почеток на овој процес.
„Се надеваме дека ситуацијата од 2008 година може да се промени во оваа 2018 година. Работиме на домашните реформи и на решавањето на проблемите што стојат на патот кон членство во НАТО“, рече министерката. Таа истакна дека двете земји одржуваат цврсти врски во областа на одбраната и дека Македонија стои зад заклучокот на Турција дека безбедноста на Македонија е важна за регионот и пошироко. Шекеринска истакна дека политиката на отворени врати на НАТО е многу важна за Македонија и дека на тоа прашање очекуваме силна поддршка од Турција. Добриот збор железни врати отвора. Го очекуваме и сметаме на вашиот добар збор“, рече министерката.
Министерот Чавушоглу ја повтори безбрезервната поддршка од страна на Турција за зачленување на Македонија во НАТО и истакна дека таа ќе продолжи и на министерскиот состанок на алијансата во април и на самитот во Брисел во јули.
Средбите со премиерот Јилдирим и министерот за надворешни работи, Чавушоглу, ја заокружија официјалната посета на Шекеринска на Турција, која започна со средба со домаќинот, министерот за национална одбрана Нуретин Џаникли, на чија покана се реализира престојот во Анкара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување на билатерален Договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција Н.Е. Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција, со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на министерството за внатрешни работи, за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот, за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот Договор за соработка во областа на безбедноста кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори, ќе им биде презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Низ дружење со претставници и членови од мото клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење на електрични превозни средства“, велат од општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот Закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и Висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на Факултетот ќе бидат Клиничката болница Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид , Специјалната болница за нефрологија Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти кои ке станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на Медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места, да студираат во своето место. Значително ќе допринесе во создавањето на нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување на високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.