Македонија
Членови на ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од Мицкоски и вонреден конгрес
Одговорност и оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и неговиот тим бара поранешната пратеничка Весна Дамческа-Илиевска во име на иницијативниот одбор за организирање на вонредниот конгрес.
Таа беше придружувана од актуелни членови, поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека Мицкоски мора да сноси одговорност бидејќи партијата изгубила локални, претседателски, а сега и парламентарни избори. Тие му порачаа на лидерот на партијата да закаже вонреден конгрес на партијата на кој би се избрало ново раководство, во спротивно, тоа ќе го направат тие.
„Ние како иницијативен одбор за промени, го повикуваме Мицкоски да поднесе оставка и да закаже вонреден конгрес на паријата на кој би се бирало ново раководство. Би апелирале да го почитува апелот на членството и да повика конгрес. Ако тој не го стори тоа, ние како иницијативен одбор ќе преземеме чекори за закажување вонреден конгрес. Барањето на одговорност за поразите на Мицкоски не е напад, туку одбрана на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Дамческа-Илиевска, која е членка на Извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа посочи дека на Македонија и треба силно ВМРО-ДПМНЕ, а на ВМРО-ДПМНЕ му треба ново раководство. Според неа, партијата има кадри кои ќе понудат алтернатива и ќе го запрат економскиот пустош, за кој вели дека три години ја пустоши државата.
„Виновен е оној што можеше и требаше да понуди препознатливи политики кои можеа да ги сплотат граѓаните и државата. Тој форсираше поделби наместо да ги обедини силите. Одговорност за неуспесите мора да има. Кога еден тим губи, не може да биде виновен домарот или публиката. Одговорност мора да има тимот, а тимот го водеше Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници. Тој и неговиот тим ги загуби локалните избори во Охрид и Ново Село и претседателските избори. Наместо одговорност, видовме апсурдни одговори и пасивност. Кадрите на Мицкоски не успеаја ни во техничката влада да се наметнат како лица кои различно ќе ги водат институциите и ќе одговорат на предизвиците. Вистината е една, најодговорен е тој што го состави тимот, а тоа е Мицкоски. На Македонија ѝ треба силно ВМРО-ДПМНЕ, а на ВМРО-ДПМНЕ му треба ново раководство. На ВМРО-ДПМНЕ не му треба лидерство кое денес ќе каже едно, а утре сосема друго. На 10 октомври Мицкоски во интервју за ‘Макфакс’ изјави дека ќе поднесе оставка ако ги загуби избори или не успее да формира Влада. Не состави влада и ги изгуби изборите, останува да си ја сочува честа“, додаде Дамческа-Илиеска во име на иницијативниот одбор за вонреден конгрес.
Пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, освен Дамческа-Илиеска беше и Марина Кавракова, која исто така е актуелен член на Извршниот комитет на Унијата на жени на партијата, актуелниот градоначалник на Илинден, Жика Стојановски, ексградоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, ексградоначалникот на Дојран, Борче Стамов, ексградоначалникот на Бутел, Петре Латиновски, како и Лука Кржаловски, кој е поранешен претседател на Унијата на млади сили и ексдиректор на „Службен весник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.