Македонија
(Видео) Чулев го обвини Спасовски за фалсификат, поништил 124 решенија во МВР, без одлука на Владата
Премиерот Оливер Спасовски со фалсификат во „Службен весник“ поништил 124 решенија за распоредување во МВР оти за нив немало одлука на Владата, рече денес техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. Тој на прес-конференција пред Јавното обвинителство побара што побргу Обвинителство да направи истрага, да ги обезбеди доказите за фалсификатот, со што ќе спречи бришење, уништување или прикривање на доказите.
„На седницата на Владата, што се одржа во саботата на 15 февруари, последна за гласање беше ставена точката за поништување пет решенија донесени од моја стана за распоредување вработени во Министерството за внатрешни работи. Со мнозинство гласови Владата десет минути пред полноќ, значи во 23.50 часот, го усвои предлогот да се поништат пет решенија, повторувам, само пет решенија, за што постои записник, односно стенограм. Нејасно е како оваа одлука експресно, во координација со службата во Владата и со одобрување од Оливер Спасовски, е објавена во ‘Службен весник’ број 41, токму на истиот ден, 15 .2.2020 година, каде што, покрај петте решенија, чие поништување беше изгласано, се најдоа дополнителни 124 решенија за распоредување и една наредба за извршување работа и работни задачи. Ове решенија воопшто не биле предмет на разгледување на членовите на Владата, ниту е донесена одлука за нивно поништување. Имајќи предвид дека ситуацијата налага итно преземање дејства со цел да се спречат бришење, уништување или прикривање докази, го повикувам Основното јавно обвинителство да преземе дејства за обезбедување на доказите и да спроведе истрага. Во спротивно ќе биде директно одговорно за неказнетото фалсификување на оваа одлука на Владата“, рече министерот Чулев.
Тој апелира вработените во Владата, кои по насоки на Оливер Спасовски веќе го прекршиле законот да се воздржат од дополнителни дејства, со кои ќе се обидат да ги уништат или менуваат доказите и ќе влијаат на понатамошно откривање на кривичните дела.
„Истовремено, ја повикувам Владата да се воздржи од идни активности во насока на мешање во ингеренциите и независноста на Министерството за внатрешни работи и директно влијание врз избирачкото право на граѓаните и изборниот процес“, повика министерот Чулев.
За да ги смири тензиите и покрај тоа што смета дека Владата нема право да укинува индивидуални правни акти, Чулев ги повикал колегите со поништени решенија да се вратат на старите работни места.
„Поентата на оваа Влада е да предизвика хаос во Министерството за внатрешни работи и да предизвика одредени инциденти помеѓу самите вработени. Во текот на денешниот ден ние ќе издадеме нови акти, наредби, со кои луѓето што јас сум ги назначил, а кои се во согласност со она што е во согласност со Законот за Владата ми е дадено како право да назначам 10 отсто, ќе бидат вратени на старите работни места. Со оглед на тоа што Владата со одлука ги поништи сите овие решенија на незаконски начин, за кој сега информирав, им кажав да си се вратат на старите работни места за да се избегнат инциденти во рамките на Министерството за внатрешни работи“, рече министерот Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.