Македонија
Чулев: По повеќе од 25 години, не сум дел од безбедносниот систем, власта со сета сила удира по мене
Тоа што за сите нас е патриотизам, за оваа предавничка власт е екстремизам и радикализам. Хибридниот режим предводен од СДСМ со сета сила ја уништува државата, удира по професионалците, се обидува да ги демотивира патриотите и ги партизира институциите. По повеќе од 25 години поминати во служба на татковината и граѓаните на Македонија, не по моја вина, но на мое жалење, повеќе не сум дел од безбедносниот систем, напиша порнешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, на „Фејсбук“.
„Криминалниот режим што ја предводи власта и, за жал, ја води државата со сета сила удри и по мене и по мојот професионален интегритет. Јас сум човек професионалец, кој својата кариера ја градел чекор по чекор почнувајќи од најниското скалило во службата. Сите овие години бев во првите редови на одбраната на уставниот поредок, територијалниот суверенитет и интегритет и безбедноста и интересите на Македонија. Ја сакам државата и придонесував за неа. Учествував и во многу операции за поддршка на меѓународната безбедност за што имам добиено награди и признанија како од неколку поранешни директори на матичната институција и претседателот на државата така и од меѓународни партнери.
Тоа што за сите нас е патриотизам и љубов кон татковината, оваа предавничка власт сега го стигматизира како македонски екстремизам и радикализам, а македонските патриоти преку креирање перфиден систем на лажни и фабрикувани информации континуирано ги елиминира од безбедносниот систем. На тој начин смислено и со план ги ослабуваат капацитетите на државата и ја доведуваат во подредена положба.
Во изминатиот период во неколку наврати испратив јасна порака и денес повторно и недвосмислено го правам тоа. Политичкиот прогон, сите притисоци, закани и уцени кон мене и другите припадници на безбедносната заедница нема да вродат со плод. Ние и понатаму ќе бидеме со полн капацитет во одбрана на Македонија и македонските интереси, а сите оние што постапуваат незаконски ќе одговараат за тоа пред надлежните институции.
Јас и понатаму ќе бидам истиот Наќе Чулев – човекот што неизмерно ја сака својата држава и професионално ќе придонесува за нејзиниот напредок и развој.
Нека ни е вечна Македонија“, пишува Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: седум имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.