Македонија
Шахпаска: Зголемување на опфатот на деца во градинките во oпштина Свети Николе и Росоман
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска потпиша Договори за соработка со градоначалниците на oпштина Свети Николе и Општина Росоман, за доградба и изградба на две детски градинки.
Овие договори се однесуваат на унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на детската заштита, со цел да придонесат за зголемување на опфатот на деца во детските градинки.
Договорот со општина Росоман се однесува на проширување на постоечката детска градинка „Праскичка”, со што капацитетот на градинката ќе се зголеми за 30 деца (2 групи од по 15 деца). За оваа намена МТСП обезбеди средства во вкупен износ од 12.279.000 денари.
Договорот со општина Свети Николе се однесува на изградба и опремување на нова детска градинка во с.Ерџелија,„Рахилка Гонева”, која ќе биде со капацитет за згрижување на 60 деца. За изградба на оваа градинка МТСП обезбеди 31.565.000 денари.
„Како министерство, но и како Влада продолжуваме со политиките за зголемување на капацитетите на детските градинки со цел поголем опфат на деца во нив. Предучилишното образование претставува првиот чекор со којшто дечињата влегуваат во образовниот системот, почнуваат да ги стекнуваат основните навики, вештини, се дружат, учат и притоа низ целиот процес ги водат стручни компетентни кадри“, истакна Шахпаска.
Таа додаде дека од почетокот на мандатот, односно за само 10 месеци, отворени се 15 нови градинки со што капацитетот е зголемен за 1.150 деца. До крајот на оваа година ќе бидат отворени уште 10 нови детски градинки, најави Шахпаска.
„Остануваме посветено да работиме на крајната цел, зголемувањето на процентот на опфат на деца во предучилишните установи на 60 отсто, односно дополнителни 7500 деца во градинките до крајот на мандатот“, потенцираше министерката Шахпаска.
Градинките се очекува да бидат отворени за 14 месеци од моментот на воведување на работа на изведувачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Со ДПМНЕ е можно само враќање назад, велат од СДСМ
Платформата на ДПМНЕ се само нови лажни ветувања, по примерот на Скопје, велат од СДСМ.
„ДПМНЕ ги изневери граѓаните на Скопје, ништо од ветеното не реализираше, а сега излегува со нови лажни ветувања. Наместо модерен град, Скопје денеска е запустен град, полн со нечистотија, со хаос во јавниот превоз, јавни претпријатија во долгови. Ги нема новите 250 автобуси, нема бесплатен јавен превоз, нема нови паркови“, дополнуваат од СДСМ.
Според нив промовираната Платформа 1198 на ДПМНЕ е токму тоа, нови лажни ветувања.
„Се потврди дека ДПМНЕ нема план за иднината и дека оваа партија не може да донесе никаква промена. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад. Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, завршуваат од СДСМ.