Македонија
Шахпаска со холандскиот амбасадор Јан Коп: Холандија е наш партнер во борбата против дискриминацијата и заштитата на човековите права
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Холандија во нашата држава, Дирк Јан Коп.
„Холандија е голем поддржувач на нашата држава на евро-атлантскиот пат и навистина за нас тоа е од големо значење. Соработуваме во многу значајни области, како заштита на човековите права, маргинализираните категории граѓани, правата на ЛГБТ-заедницата и воопшто борбата за родова еднаквост и против каков било вид дискриминација“, истакна Шахпаска.
Таа го посочи новиот закон за спречување и заштита од дискриминација, кој во моментот е во собраниска процедура, како законско решение кое обезбедува заштита на граѓаните од секаков вид дискриминација и неговата нужност како дел од позитивното право во нашата држав, како и потребата од комисија за заштита од дискриминација, која како независно тело составено од професионалци во областа на човековите права би постапувала во насока на заштита на правата на сите граѓани.
„Борбата за еднаквост и заштита на сите ранливи категории останува наш врвен приоритет. Во таа насока подготвуваме нов закон за превенција и заштита од сите форми на насилство врз жената, кој набргу треба да влезе во собраниска процедура“, истакна Шахпаска. Таа воедно изрази и благодарност за поддршката што ја доби нашата држава од Кралството Холандија за спроведување активности неопходни за успешно спроведување на Истанбулската конвенција во Република Северна Македонија.
Од страна на холандскиот амбасадор Јан Коп беше истакната големата поддршка на земјата во усогласувањето на нашето законодавство со европското затоа што тоа ќе ја донесе земјата поблиску до европските вредности, но уште позначајно што притоа се обезбедува заштита на човековите права, на правата на граѓаните на Северна Македонија.
На средбата се разговараше и за предизвиците што ги донесе Ковид-19 и начините на справување со нив. Во таа насока од страна на министерката беа посочени четирите пакети економска помош од страна на Владата, кои претставуваат помош и поддршка на економијата, компаниите, граѓаните со акцент на најпогодените сектори и категории граѓани.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошна продлабочена соработка во сите области во кои ќе се јави потреба, како и пренесување на искуството од страна на Холандија, што е од големо значење за нас како држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.