Македонија
Шаќири: Континуирано ја унапредуваме инклузивноста на образовниот систем
Зголемување на инклузивноста на образовниот систем, вклучувањето на што поголем број деца со посебни образовни потреби во редовно школување и подигување на свеста на целото општество дека децата со атипичен развој се исти во различноста како и сите други деца, се цели на кои Министерството за образование и наука во изминативе не-колку години интензивно работи.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната конференција „Инклузија на учениците со аутистичен спектар“ во организација на Универзитетот во Тетово, потенцирајќи дека бројни активности се веќе реализирани, го даваат проектираниот ефект и се нотирани дури и во извештаите на ЕУ за напредокот на земјата.
„Посебните основни училишта ги трансформиравме во основни училишта со ресурсен центар и тие со своите кадровски и материјални ресурси се поддршка на редовните училишта за организирање на образовниот процес на учениците со попреченост кои се таму инклузирани. За оваа цел, ангажирани се 500 образовни асистенти. Односно, услугата образовна асистенција од оваа учебна година повеќе не е на товар на родителите, туку е обврска на државата, за што во 2021 беа одвоени речиси 60 милиони денари, а во 2022 повеќе од 200 милиони денари“, рече Шаќири.
Образовните асистенти им помагаат на инклузивните тимови составени од наставник, стручен соработник и родител кои изготвуваат индивидуален образовен план за ученикот со попреченост и ги прилагодуваат планот и програмата согласно неговите потреби и можности.
„Во учебната 2021/22 година, во основните училишта се вклучени вкупно 911 ученици со посебни образовни потреби и 312 ученици со посебни образовни потреби се инклузирани во редовните средни училишта. Така што, бројот на образовни асистенти ќе се зголемува, доколку се зголеми и потребата од истите, односно доколку и други родители на ученици од оваа категорија, се изјаснат дека сакаат образовен асистент да биде ангажиран и за нивното дете“, потенцираше Адеми.
Министерот информираше дека согласно новата Концепција за основно образование учебниците за 1. и 4. одделение се адаптирани на потребите на учениците со попреченост, односно испечатени се со Браева азбука, адаптирани и во аудиоформат, а развиен е и аудиочитач кој може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик.
„Доделувањето на стипендии за ученици со попреченост е регулирано со програмите за ученички и студентски стандард, така што, ниту едно достапно право нема да биде укинато, туку напротив, ќе се залагаме и за проширување на можностите за овие ученици. Оваа учебна година, како и сите други видови на стипендии, така и за учениците со попреченост се зголемени од 2.970 денари на 3.500 денари на месечно ниво. Ќе потсетам дека во тек е реализација на проектот ИПА-проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, во чии рамки доделени се и 471 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование и тоа за прво и второ одделение, извршени се прилагодувања и на повеќе училишта каде има деца стипендисти, а се спроведуваат и обуки на наставниот кадар за инклузивно образование“, информираше министерот.
Тој најави дека МОН работи на ново законско решение за средното образование каде исто така ќе се овозможи инклузирање на ученици со попреченост во редовните училишта, ќе се ангажираат образовни асистенти со средства од државниот буџет и слично.
„Заедно со Бирото за развој на образованието во следниот период ќе се фокусираме особено на обуки за работа со ученици со попреченост, наменети за наставниците и за инклузивните тимови во редовните училишта“, нагласи Шаќири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари од централниот митинг во Струга: Зголемување на минималната плата до 800 евра за борба против имиграцијата
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја изрази својата заложба за борба против имиграцијата преку зголемување на минималната плата во нашата земја. Во рамките на идната влада се планира зголемување на платите и до 800 евра, со што ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
Преку грантови за технологија и иновации, Таравари рече дека владата има за цел да ги поддржи нивните креативни идеи, фокусирајќи се на развојот на земјата како атрактивна алтернатива за младите.
„Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Така како следна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра. Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град“, рече Арбен Таравари на централниот митинг во Струга.
Македонија
(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија
„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја славиме Македонија како твоја и Македонија како горда! Ви ветуваме дека ќе докажеме дека нема да ве срамиме, дека нема да ги заборавиме државните и нациолнални интереси, кои тие не само што ги заборавија, туку и ги погазија! Молам за доверба!“, рече Горданa Силјановска -Давкова, кандидат за претседател на Македонија.
„Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме!
Денес е Денот на светското културно наследство. Охрид е незаменлив и ценет, драгоцен дел од него. Охрид е споменик и дом на европското христијанство! Да го чуваме! Не заборавајте: Без Охрид, Македонија нема да биде почитувана!
Час поскоро, активирајте го универизтетот на Плаошник! Оваа власт не знае што е култура, за неа културата е бизнис. Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши.
Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него!“, додаде Горданa Силјановска -Давкова.
Македонија
Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ
Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од големиот народен митинг во Охрид, од каде што традиционално ВМРО-ДПМНЕ ја почнува кампањата за парламентарните избори.
Мицкоски посочи дека долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, а понекогаш и се занемаруваше и никогаш како сега не било важно како сега да се случи обединување, да се обезбеди национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.
Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.
„Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.