Македонија
Шаќири: МОН годинава ќе реконструира четири училишта во Гостивар
Речиси 40 милиони денари годинава ќе инвестира Министрството за образование и наука за реконструкција на 4 основни училишта на територијата на Гостивар. „Гоце Делчев“ ќе добие нова енергетски ефикасна фасада за што градежните активности почнаа кон крајот на јануари годинава, а од февруари во „Фаик Коница“ во Дебреше почната е реконструкција на санитарни јазли и внатрешни ѕидови. И во двете училишта активностите ќе завршат во текот на август. А во планот за јавни набавки за годинава предвидена е и реконструкција на основното училиште „Исмаил Ќемали“, како и замена на покрив и целосна обнова на кабинетите и работилниците во средното техничко училиште „Гостивар“.
Ова го соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој денеска е во посета на неколку училишта на територијата на општина Гостивар, за која, како што рече, ќе продолжи да биде на инвестициската агенда на МОН и во иднина.
„За оваа Влада, еднаквото вложување во сите општини, независно дали се урбани или рурални и независно од тоа кој раководи со нив, останува еден од основните принципи во работењето. За нас, сите општини се еднакви и исти, живеат граѓани на Северна Македонија и тие имаат право на еднаква грижа од страна на институциите на системот“, рече Шаќири за време на посетата на основното училиште „Гоце Делчев“.
Министерот потсети дека во изминатите неколку месеци беа извршени инвестициски активности и во други гостиварски училишта. Во основното училиште „Перпарими“ во јануари годинава заврши реконструкцијата на покривот и на санитариите, во гимназијата во градот се изврши санација на санитарните јазли, а „Фаик Коница“ во Дебреше минатата година доби нова спортска сала од приближно 40 милиони денари.
Шаќири рече дека со овие инвестиции голем дел од учениците од оваа општина добива подобри услови за едукација, а очекува и локалната самоуправа да даде свој придонес и така со заеднички напори да им се овозможат на младите услови за образование какви што и заслужуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Скопје
Осум скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија АД, Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, информира дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат неколку скопски општини.
· Во периодот од 08:30 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Максим Горки, реон Дом на градежници (општина Центар).
· Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, поголемиот дел од потрошувачите на ул.Ринхини.(општина Ѓорче Петров)
· Во периодот од 09:00 до 10:30 часот, корисниците од с.Визбегово, дел од с.Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.(општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево)
· Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Кавалска.(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на пат за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од Св.Петар и Павле по патот кон Долно Лисиче.(Аеродром)
· Во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. 4031, село Марино.(општина Илинден)
· Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од бул.Борис Трајковски (од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево).(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците од с.Сандево, Бањане, Горњане, Дел од с.Мирковци.(општина Чучер Сандево)
· Во периодот од 13:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Исаија Мажовски и Воин Драшкоци.(општина Ѓорче Петров)
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.