Македонија
Шекеринска ќе ги тргне партиите од АРМ, ќе ја „облече“ војската
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, оствари средба со началникот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, со кој најавија добра, квалитетна и успешна соработка во периодот што следува.Министерката го увери генералот Величковски дека стои на располагање и дека ќе има блиска соработка која ќе биде во интерес на армијата и на владата.
„Тука сум за да се вратиме на нашата определба за членство во алијансата, за да направиме вистински реформи што ќе бидат корисни за сите. Силно ќе се залагам за зголемување на буџетот на АРМ и подобрување на професионализацијата во неа. Армијата да биде забрането место за сите политички партии, вклучително и за партијата од којашто доаѓам“, рече Шекеринска.
Генералот Величковски упати честитки до министерката за нејзиното поставување и додаде дека се радува што влијателна личност е на чело на Министерството за одбрана со надеж дека тоа влијание ќе биде искористено за подобрување на состојбата во армијата.
– „Првпат на чело на Министерството имаме жена министер, што е предизвик сам по себе. Се радувам што министерството добива влијателен министер. Армијата секогаш ќе биде поддршка на Министерството за одбрана и очекувам така да биде и обратно. Воедно во периодот што следува ќе имаме можност за размена на идеи корисни за армијата, а со тоа и за безбедноста на државата“, истакна Величковски.
Тој не очекува дека состојбите веднаш ќе се подобрат, но дека со заемна соработка, која ќе се заснова на приоритетите и потребите на армијата, ќе се постигне заеднички успех. Во тој контекст министерката Шекеринска се осврна и на основните потреби на припадниците на АРМ, како што е опрема, униформа, чизми и друго и додаде дека ќе сторат сè за да најдат решенија за искористување на домашните компании, што ќе влијае и на подигнување на домашната економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.