Македонија
Шилегов: Клучката кај Визбегово значи пробивање на булеварите Словенија и Хасан Приштина
Градоначалникот Петре Шилегов денеска ја најави изведбата на клучката кај булеварот Словенија, која заедно со клучката кај Момин Поток се наоѓа на едната од двете главни рути што ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот. На презентацијата на овој капитален проект денеска присуствуваа и вицепремиерите Фатмир Битиќи и Артан Груби, како и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.
„Денеска почнува постапката за избор на најповолен понудувач за изградба на клучката кај булеварот Словенија, што е всушност продолжение на клучката кај Момин Поток. Овде го решаваме тесното грло на поранешната ‘Јадранска магистрала’, сега булевар Хасан Приштина. Ова не значи само работа на клучката, ова значи дека почнуваме со градба на два нови булевара – едниот е булеварот Хасан Приштина низ индустриската зона Визбегово до обиколницата, а вториот е продолжението на булеварот Словенија, кој ќе оди до Волково и ќе се вклучува на обиколницата на западниот влез во градот. Вкупната инвестиција изнесува околу 550 милиони денари, а почнуваме со средства од ребалансот на буџетот на Република Северна Македонија, обезбедени од страна на Владата, во износ од 2 милиона евра. Сакам да изразам благодарност до вицепремиерите овде присутни за помошта што му ја даваат на Градот. Ова е инфраструктура што го решава најголемиот проблем во сообраќајот што во моментот постои во нашиот град, но создава и перспектива за понатамошен непречен развој на Скопје“, рече градоначалникот Шилегов на презентацијата.
Тој очекува дека за 2 до 2,5 години овој потег и северниот влез во Скопје ќе добијат сосема поинаков лик.
Станува збор за огромен проект во вкупна вредност од речиси 8,5 милиони евра, од кои за првата фаза 2 милиона евра се обезбедени со поддршка од Владата преку ребалансот на буџетот на Република Северна Македонија. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, проектот предвидува денивелиран патен јазол, чија конструкција предвидува 5 рампи, кои директно ги поврзуваат булеварите Словенија и Никола Карев и улицата Новопроектирана 6. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД-булеварско осветление, средишно и странично зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.
Изградбата на оваа клучка е од особено значење заради пробивањето на двата булевара – булеварот Словенија кон Карпош и булеварот Хасан Приштина кон излезот за Косово.
За потсетување, во северниот дел од градот Град Скопје веќе ги заврши булеварите Босна и Херцеговина, Христијан Тодоровски – Карпош и Никола Карев, а во тек е изведбата на клучката кај Момин Поток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Пендаровски ја призна конекцијата со мешетарот Еисин и после се сокри од јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Пендаровски ја призна конекцијата и комуникацијата со балканскиот мешетар Асаф Еисин и се сокри од јавноста. Го нема со денови да излезе и да даде одговори, дали тој, дали СДС, дали Ковачевски или сите комплет го ангажирале Еисин за консултации“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој скандал е дотолку поголем што постојат сериозни индиции дека овој сомнителен лик е ангажиран за креирање на црната кампања на власта и за тоа според основани сомнежи се плаќа со пари во кеш. Овие црни пари не се водат во ниедна евиденција и се испумпани од криминалните тендери во РЕК Битола.
Надлежните институции треба овој случај детално да го проверат, бидејќи ангажманот на мешетарот Еисин и двете лица кои му помагаат а кои се сместени во еден скопски хотел, не фигурира во ниеден извештај. Доколку актуелните институции не го истражат овој случај, тогаш после промената на власта се ќе биде детално проверено. Време е за промени, а наскоро после тоа ќе дојде и времето за одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Нема промена во ДПМНЕ, над 80% од листите се истите пратеници кои спроведуваа активни блокади“, велат од СДСМ
„Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа, сé што е во интерес на граѓаните и државата“, соопшти СДСМ.
„Тоа се истите лица што во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, кои два дена на собраниска седница ги преместуваа точките на дневниот ред.
Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО, и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен.
Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ.
Со истите лица на листите Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.