Македонија
Шилегов: Клучката на Момин Поток готова за 18 месеци
Со увид во градежните работи на клучката кај Момин Поток, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денес ја продолжи презентацијата на клучните стратешки сообраќајни проекти со кои до 2024 Скопје станува град со целосно решени сообраќајни проблеми.
„Денес се наоѓаме на главната градска артерија каде што поминуваат 25 до 30.000 возила, а спојува четири општини, но и води до патот до Косово. Оваа раскрсница која ја паметиме по огромен метеж го добива најмодерното и најсофистицираното сообраќајно решение кога било изработено во Македонија во урбана средина. Градиме издигнат булевар на 9 м со кружен тек во ридот кај касарната, со којашто овозможуваме целосно анулирање на семафорската сигнализација и движење без застој на сите видови сообраќај. Овде за првпат ќе се изгради велосипедски мост со кој продолжуваме по стандардот дека велопатеки мора да има како составен дел од сите идни сообраќајни решенија“, нагласи Шилегов.
Градоначалникот рече дека ова сообраќајно решение овозможува развој на градот во досега неурбанизираниот дел, што ќе значи сериозно растоварување на урбанизација во централното градско подрачје. Освен што ќе имаме функционални сообраќајници и брз транспорт, порача Шилегов, ќе го заштитиме и јавниот простор на скопјани креирајќи хуман урбанизам.
„Ова сообраќајно решение, заедно со клучката на бул. Словенија, каде што набрзо започнуваат градежните работи, како и пробивање на бул. Словенија до Волково и Хасан Приштина до обиколница во правец на Косово, целосно го решаваме на долг рок сообраќајот во овој дел од градот. Покрај ова, многу важен аспект е дека паралелно го решаваме и јавниот транспорт како дел од урбанизацијата. Јавниот транспорт ќе се одвива по постојната пруга со градски возови, нешто што Скопје го добива за прв пат. За ова веќе е готова студијата која ја подготвивме во 2018. Возот оттука ќе се спојува со БРТ кај Железничка станица“, дополни Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: седум имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.